На 04 декември 2024 ОЖОСВН реализираше национална конференција со наслов „Навигација низ минатото, обликување на иднината“. Конференцијата имаше за цел да даде една рефлексија на женскиот активизам и учеството на жените на различни нивоа, но и да се разговара за клучните прашања за унапредување на положбата на жените и девојките на локално и национално ниво. На конференцијата имаше можност за размена на искуства, споделување инспиративни приказни, за вклученоста на жените во различни општествени процеси, но се споделија и идеи за унапредување на женските права и родовата еднаквост. Во период од три часа слушнавме 6 интересни говорнички кои споделија позитивни и негативни искуства, практики, предизвици, проблеми, но и успеси, секоја од својата област како пратенички, основачка на женското движење во Свети Николе, активистки од граѓански организации кои работат со различни маргинализирани лица. Модератор на овој настан беше новинарот и активист, Огнен Јанески.
Првиот панел насловен „Женскиот активизам – учење од минатото, визии за иднината“ го отвори претседателката на ОЖОСВН – Даниела Панева, а потоа присутните и реализацијата на конференцијата ги поздрави пратеничката Благица Ласовска, која понатаму продолжи и зборуваше за активирањето на повеќе жени во политиката, во Собранието, во извршната власт. Таа нагласи дека секогаш стои на располагање и за поддршка на закони и регулативи кои се во интерес на жените и ги засегаат правата на жените, и се залага за 50/50 % жени и мажи во Собрание.
По пратеничката, сви искуства, предизвици, позитивни и негативни практики, сподели Македонка Гилева, прва претседателка на ОЖОСВН и долгогодишна активистка. Низ разговор со модераторот, таа зборуваше генерално за женското движење низ годините, споделувајќи приказни од нејзината мајка – борка во втората светска војна – и како жените тогаш се организирале и придонесувале за општеството. Зборуваше за почетоците од нејзиниот активизам, сподели приказни од нејзиното претседателствување на сите месни заедници во општиа Свети Николе, а подоцна и како претседателка на АФЖ и следствено на ОЖОСВН. Она што го заклучи во нејзиното излагање беше дека жената во тоа време била повеќе почитувана и уважувана од мажите, мажите и жените заедно оделе на состаноци и соработувале, а денес на тоа се гледа поинаку.
Во вториот панел насловен како „Вклученост на жените во заедницата – предизвици и можности“ зборуваа:
- Лилјана Јоноски од Рурална коалиција, која зборуваше за предизвиците со кои се соочуваат жените од руралните средини, можностите кои ги имаат но не секогаш знаат да ги искористат, како и за посветената работа на терен, големата борбаза тие жени да имаат свои имоти, да се вработени и се активираат повеќе во самата заедница.
- Далиборка Златева од Здружение за лица со церебрална парализа од Велес, која зборуваше со какви се проблеми се соочуваат лицата со попречености, како тие имаат поголеми предизвици и системски проблеми, но и како овие лица можат многу да дадат и треба сите да ги вклучуваме повеќе во секојдневието. Таа исто така, зборуваше и за важноста од социјални услуги, и како преку нивното здружение има околу 60тина вработени кои помагаат на стари и изнемоштени лица и лица со посебни потреби во заедничко домување.
- Азиза Сали од Здружение Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, која зборуваше како жените од нивната општина го решија проблемот со матичен гинеколог и дека повеќе не треба да одат во другите општини, а притоа да бидат дискриминирани, зборуваше и за жените ромки кои се почесто и почесто се охрабруваат да пријават семејно насилство и да излезат од насилната средина, како и за тоа колку им е потребна поддршка на овие жени.
- Јасмина Трајчева од Организација на жените на општина Свети Николе, која зборуваше за мноштво промени кои ги има направено оваа организација, од измени на закони до промени во локлани политики и програми и други регулативи. Таа се осврна на важноста на постоење на јаки локални женски организации, кои се основа за правење на позитивни промени на локално, но и на национално ниво. Исто така, ја нагласи потребата да се работи поактивно на едукација и информирање на млади жени и девојки и нивно вклучување и активирање во заедницата.
На крајот од секој панел присутните на конференцијата имаа можност да постават прашања, дадат свои коментари или да дискутираат дополнително на темите за кои се зборуваше.
Им благодариме на сите кои придонесоа оваа конференција да биде успешна.
Овој настан е дел од проектот „Јаки жени ја јакнат заедницата III“ во реализација на ОЖОСВН и финансиски поддржан од Шведска и The Kvinna Till Kvinna Foundation.