Траумата, менталното и физичкото здравје и благосостојбата

Траумата, менталното и физичкото здравје и благосостојбата

Што е траума?

Траумата е комплексна реакција на стресни и животозагрозувачки искуства што значително влијае на нашата способност за справување со постојаните барања за прилагодување и реакција во живеењето. Таа може  и најчесто има  долгорочни последици врз нашето ментално, емоционално и физичко здравје. Тоа е нашиот личен одговор на неволја. Зборот траума доаѓа од грчиот јазик и значи извиткување, прободување. Психолошки гледано кога зборуваме за траума мислиме на психичка рана, повреда,  силно непријатно искуство што предизвикува абнормален стрес, трње во душата од кои со навраќање повторно се прободуваме. Тоа е емоционалниот одговор на ужасен настан, како што е несреќа, природна катастрофа, физичка и емоционална злоупотреба, занемарување, доживување или сведочење на насилство и насилен чин, смрт на близок, војна…

Траумата не е само настан во минатото што го паметиме или непријатност што можеме да ја прераскажеме и заборавиме. Таа станува составен дел од нас, менувајќи ја нашата физиологија и психологија. Кога доживуваме траума, нашето тело активира вродени механизми за преживување, како што се борба, бегство или замрзнување. Овие автоматски реакции не се резултат на рационално размислување, туку се примарни реакции на нашиот нервен систем кој се обидува да ја преживееме сериозната закана. Траумата поттикнува различни стратегии што поединците ги користат за справување, вклучувајќи помалку адаптивни  и штетни механизми за справување, како што е и употребата на супстанции како лекови за ублажување на болката и анксиозноста, алкохол, дроги.

Видови траума

Постојат неколку форми на траума и тие можат да се категоризираат  во категории кои се преплетуваат на следниов начин:

Акутна траума е вид на траума во која лицето може да доживее покачено ниво на стрес веднаш после конкретниот настан. Клучна карактеристика на овој вид траума е нејзината должина на одговор на настанот низ времето. Се одликува со краткорочност. Такви настани се конфликти, физички напади, земјотреси, давење итн.

Хроничната траума, од друга страна, е поврзана со низа настани, а не со еден настан. Може да биде живеење во воена зона или во соседство со висока стапка на криминал, но и растење во семејство со секојдневно физичко и психолошко злоставување. Овој вид траума е речиси секогаш со меѓучовечка природа, што значи дека вклучува меѓучовечки односи и најчесто е придружена со злоупотреба на моќ, чувство на предавство и постојан стрес.

 Сложената траума обично се јавува после неколку трауматски настани. Луѓето кои страдаат од овој вид траума често се заробени во ситуации, како што се континуирано и повторувачко злоставување, семејно насилство, без да можат да избегаат од таа ситуација. Понатаму, овој вид траума особено влијае на емоционалниот развој и афективното поврзување, поткопувајќи го чувството на сигурност и зголемувајќи ја пречувствителноста и реактивноста. Комплексната траума може да доведе до развој на ментални нарушувања како што се посттрауматско стресно нарушување (ПТСН) и гранично растројство на личноста.

 Викариска траума се јавува кај помагачките професии, како што се лекарите, психолозите, социјалните работници, полицајците, пожарникарите. Примарниот механизам на дејствување за овој вид траума е веројатно заморот од сочувство. Луѓето кои се особено ранливи може да доживеат акутни симптоми, што резултира со прекумерен замор од помагање на другите, иритација и фрустрација од тоа. Понатаму, нивниот поглед на светот и себеси (идентитетот) може да се промени, а менталното здравје може да биде компромитирано и влошено.

Како траумата останува во телото?

Траумата остава долготрајни ефекти кои опстојуваат долго по самиот настан, предизвикувајќи активирање на примитивни механизми за преживување во мозокот, честопати наречени „влекачки мозок“. Овој дел од мозокот продолжува да испраќа предупредувачки сигнали, што може да го наруши чувството на безбедност и да го отежни ангажирањето, учењето и градењето здрави односи.

За време на трауматски настан, се активира нашиот физиолошки одговор на стрес, што вклучува ослободување на хормони на стрес, како што се, кортизол и адреналин. Ова зголемено возбудување е природна реакција на телото, дизајнирана да го подготви телото да се одбрани од закана. Сепак, продолжените или тешките трауматски искуства со текот на времето можат да го нарушат овој систем за одговор на стрес, што резултира со физиолошки промени во телото. Ова вклучува промени во мозочните структури во лимбичкиот систем  кој е комплексна мрежа на структури во мозокот, особено амигдалата и хипокампусот кои играат клучна улога во управување на емоциите, меморијата, мотивацијата и автономните функции.

Траумата во основа влијание врз амигдалата одговорна за емоциите, особено  за стравот, агресијата и емоционалното учење и хипокампусот одговорен за долготрајната меморија формирањето спомени и просторната ориентација. Додека мозокот влегува во состојба на постојан немир и тревога, постојано барајќи потенцијални знаци на закана,  меморијата станува фрагментирана, што резултира со флешбекови и наметливи мисли на кои често не можеме да им одолееме и намалување на способноста за концентрација на вниманието, помнењето, решавањето на проблеми.

Амигдалата е мозочна структура одговорна за препознавање на закани во околината. Бидејќи е многу чувствителна на опасност, овој дел од мозокот работи напорно за да ги препознае сите закани во околината. Понатаму, амигдалата складира емоционални спомени од трауматски настани, што е клучно за подлабоко разбирање на внатрешната динамика на траумата – односно, како минатото постојано се преживува во сегашниот момент. Предизвикувачите во сегашноста можат да предизвикаат панични реакции, дури и кога нема реална закана или опасност во околината. Од амигдалата поаѓа преосетливоста на заканите, прекумерните реакции и недостатокот на емоционална регулација. Хиперреактивноста на амигдалата е веројатно причината зошто некои поединци се толку напнати. Нивната амигдала постојано се обидува да препознае каде „се крие опасноста“. Нивните емоционални реакции можат да бидат претерани во однос на реалните околности, а тоа може значително да влијае на нивната функционалност во секојдневниот живот. Прекумерното активирање на амигдалата може да предизвика страв и вознемиреност кај некои луѓе, дури и во целосно безбедни и сигурни средини. Некои од симптомите вклучуваат наметливи сеќавања, флешбекови, наметливи мисли, како и дисоцијативни и избегнувачки однесувања.

Амигдалата го активира и симпатичкиот нервен систем, кој е дел од автономниот нервен систем. Како што се зголемуваат нивоата на кортизол и адреналин, симпатичкиот нервен систем игра клучна улога во подготовката за одговорот „бори се или бегај“ (телото се подготвува или да се бори или да избега од опасна ситуација). На краток рок, овој механизам за преживување е одличен и адаптивен, но на долг рок го држи телото во состојба на постојана напнатост и преголема возбуда. Исто, како што ни покажува искуството, луѓето кои преживеале траума се постојано во готовност, скенирајќи ја својата околина, во постојан обид да пронајдат потенцијална закана. Оваа постојана состојба на будност резултира со физичка и емоционална исцрпеност, намалени нивоа на енергија и физички симптоми, како што се, главоболки, болки во телото, напнатост и гастроинтестинални тегоби.

Зголемени нивоа на вознемиреност, лутина и тага;  чувство на вина поради преживеаната траума; неможноста да се доживее задоволство и радост – заедно со намалена самодоверба, вина и постојано самообвинување – се вообичаени искуства на луѓето кои преживеале траума.

Дополнително, важно е да се напомене дека долготрајната изложеност на стрес и траума може да има значително влијание врз различни аспекти на физичкото здравје. Имунолошкиот систем на телото и воспалителните реакции можат да бидат засегнати, што може да придонесе за различни здравствени проблеми. На пример, хроничниот стрес и трауматските искуства се поврзани со зголемен ризик од развој на состојби, како што се, кардиоваскуларни заболувања, автоимуни нарушувања и гастроинтестинални проблеми. Исто така, нарушувањата на ендокриниот систем, кој е одговорен за контрола на хормоните, можат да влијаат на нашата емоционална состојба и образците на спиење, што може да резултира со проблеми, како што се, промени во расположението, анксиозност, депресија и нарушувања на спиењето. Треба да обрнеме внимание на симптоми, како што се, флешбекови (молскавично навраќање на настанот со силни емоции), кошмари, зголемена анксиозност, емоционални неправилности и хронична болка. Ова се сигналите на телото кое бара помош. Тоа се индикаторите дека траумата сè уште престојува во нас.

Како да си помогнеме?

Прифаќањето дека проблемот постои и разбирањето на механизмите на настанување и егзистирање на траумата се првите неопходни чекори кон подобрување и трансформацијата на овие лица во личности со зголемена независност, креативност, слобода на избор и моќ на носење одлуки за себе.

Прво, потребно е да се изгради психолошка отпорност. Второ, потребно е да се развијат ефикасни механизми за справување во стресни ситуации. Трето, важно е да се развие чувство на самоефикасност. Сите овие интервенции се насочени кон нешто што се нарекува посттрауматски раст. Развојната и перспективата за раст им овозможува на поединците да ги разберат своите искуства поинаку, да најдат смисла во своите проблеми, борби и неволји, како и да пронајдат значајни врски и односи со други кои доживеале нешто слично. Оваа нова перспектива може да им помогне да исцелат и да ги инспирираат другите да го направат тоа.

Траумата го менува телото преку сложени невробиолошки, хормонални и физиолошки реакции што се јавуваат додека мозокот се обидува да се прилагоди на трауматските искуства. Овие промени можат да имаат долготрајни ефекти врз нашето физичко и ментално здравје, што ја истакнува важноста на соодветниот третман и поддршка за промовирање на процесот на лекување и закрепнување. Доколку се сомневате дека се соочувате со траума, препорачливо е да побарате професионална поддршка за ментално здравје. Можете да се консултирате со психолог, психотерапевт, психијатар или советник за ментално здравје.

Емина Петкова – Психолог при канцеларијата за Бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка

Оваа активност е дел од проектот „Чекориме од зајакнување кон промена“ финансиски поддржан од The Kvinna Till Kvinna Foundation и Шведска.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен