На 03.09.2025 во Свети Николе, ОЖОСВН организира отворена дискусија со девојки и млади жени од општините од источниот и вардарскиот регион на Македонија. Настанот овозможи тие отворено да зборуваат за своите искуства, предизвици и визии за заедниците во кои живеат.
Девојките истакнаа дека квалитетот на образованието не ги задоволува целосно и често се соочуваат со дискриминација во училиштата. Сакаат повеќе воннаставни и неформални активности, како и поголема достапност на курсеви и клубови.
Во културниот и спортскиот живот забележуваат недостаток на настани и активности што би биле привлечни за нивната генерација. Иако постојат спортски клубови, повеќе се вложува во машките спортови, што создава чувство на дискриминација и демотивираност кај девојките.
Посебно внимание беше посветено на прашањето за безбедноста. Многу девојки рекоа дека се чувствуваат небезбедно поради неосветлени улици, кучиња скитници, дофрлувања и присуство на лица што користат дрога или вршат кражби. Како најважни промени што би сакале ги истакнаа: подобро улично осветлување, посилно полициско присуство во вечерните часови и згрижување на кучињата скитници.
Девојките посочија и други проблеми со кои секојдневно се соочуваат – недостиг на културен живот и јавен превоз, несигурност на улиците, недоволно бесплатни секции и клубови, корупција и незаинтересираност на институциите, како и преголем број казина и кладилници во самите населени места и близу училиштата. Нивните идеи за промена се јасни: отворање нови младински клубови и секции, повеќе културни и спортски активности, подобра инфраструктура и хигиена во јавниот простор и поголема поддршка од институциите.
И покрај бројните предизвици, девојките ја истакнаа својата желба да бидат активни и да иницираат позитивни промени. Тие веруваат дека ваквите средби се особено важни – за да бидат слушнати, охрабрени и мотивирани да делуваат во своите заедници и да придонесат за еднаква и безбедна средина за сите.
Оваа активност е дел од проектот „Јаки жени, ја јакнат заедницата III“ финансиски поддржан од фондацијата Kvinna Till Kvinna и Шведска.