„Секој може да се налути – тоа е лесно. Но, да се лутиш на вистинската личност, со вистинската мера, во вистинско време, поради вистинската причина и на вистински начин – тоа не е лесно“ – Аристотел
Брилијантниот ум и високиот коефициент на интелигенција имаат релативно мала улога во гаранцијата за постигнувањето на успехот кој сме го зацртале. Ако не ги разбираме сопствените емоции и емоциите на другите, ако не ни е блиска емпатијата, ако се чувствуваме како странци во однос на самите себе или другите, без свест за другите што ќе ни помогне во меѓусебното поврзување, ако не знаеме како да управуваме со стравот, лутината, емоциите… не е доволно. Емоционалната интелигенција е, сакале ние или не, клучот за среќата.
Постојат многу начини со кои емоционалната интелигенција може да ни помогне во секојдневниот живот. За почеток, важно е да броиме до 3, или до 103, пред да реагираме непромислено. Емоциите се моќни, но понекогаш и непостојани, минливи, променливи.
Личност со коефициент на интелигенција од 100, благодарение на способноста да ги согледа и правилно да ги толкува човечките емоции, може да има многу поквалитетен и поконструктивен живот и подобри меѓучовечки односи од некој со коефициент на интелигенција од 160 каде ЕQ ќе недостига.
Емоционалната интелигенција (EQ) е дефинирана како способност да се воочат емоциите, да се генерираат и да се оценуваат со цел да се разберат емоциите кои се користат за конструктивна комуникација со другите луѓе. Тоа е способност да се покажуваат емоциите, но и да се контролираат и разбираат. Емоционалната интелигенција е поважна од општиот коефициент на интелигенција за постигнувањата во животот и психолошката стабилност, според многу експерти.
Емоционалната интелигенција – свесност за личните сили и ограничувања
Менса го проучувала овој проблем, бидејќи многу членови на оваа организација, која собира луѓе со натпросечна интелигенција, немале квалитетно организиран личен живот. Високо интелигентните луѓе, како и оние со пониско ниво на интелигенција, можат да бидат зависници од дрога, да служат затворски казни за импулсивни злосторства, да бидат жртви на измама.
Емоционалната интелигенција е свесност за личните сили и ограничувања. Тоа е самоприфаќање, способност да се забележат сопствените грешки, да се прифатат промените. Емоционално интелигентните луѓе се заинтересирани за сопствените чувства, како и за чувствата на другите луѓе. Овие луѓе покажуваат грижа и емпатија, прифаќаат одговорност за грешките и се способни добро да се „справат“ со себе и своите чувства во исклучително тешки ситуации.
Постојат докази дека емоционалната интелигенција е поврзана со позитивната психологија и дека е исклучително важно е да се поттикнуваат, потенцираат и откриваат позитивните карактеристики кај луѓето.
Со други зборови, наместо да критикувате некого дека прави нешто на ПОГРЕШЕН, свој начин, а не како што сте му кажале, можете да се обидете да откриете дали има нешто добро во неговиот начин на правење работи и да го пофалите за она што е добро, но и да нагласите дека сепак би сакале да ве послушаат друг пат и да ги образложите аргументите за тоа.
Никогаш не кажувајте некому дека е „лош“ или „добар“, туку кажете му дали неговото однесување, за вас е „добро“ или „лошо“. Тоа е пример за наједноставната форма на поттикнување на развојот на емоционалната интелигенција, која е проникната преку секојдневната комуникација и интеракција со другите луѓе.
Генерално, пооптимистичкиот поглед на светот ќе ве ослободи од дополнителен стрес и бројни негативни емоции, а во исто време ќе ви биде корисен во разбирањето на сопствените и туѓите емоции.
Дали може да се процени нивото на EQ?
Со развојот на концептот на емоционална интелигенција од средината на 90-тите години на минатиот век и книгата на Даниел Големан, се појавија голем број различни проценки за мерење на нивото на емоционална интелигенција. Меѓутоа, многу експерти наведуваат дека овие проценки не се целосно веродостојни. Постојат тестови за самопроценка и тестови на способности.
Тестовите за самооценување се најчести. Во нив задачата на испитаниците е да кажат колку се согласуваат со некои тврдења. На пример, тврдењето „ги разбирам туѓите чувства“, испитаникот ја оценува со еден од понудените одговори – не се согласувам, донекаде не се согласувам, се согласувам, целосно се согласувам. Тестовите на способности го испитуваат начинот на реагирање во одредени ситуации. Овие тестови се обидуваат да ја проценат способноста на испитаниците да ги согледаат, идентификуваат, разбираат и управуваат емоциите.
Четири нивоа на EQ
Експертите наведуваат дека постојат четири различни нивоа на емоционална интелигенција и тоа: емоционална перцепција, способност за расудување врз основа на емоциите, способност за разбирање на самите емоции и способност за управување со емоциите.
- Емоционална перцепција
Добрата перцепција на емоциите е првиот чекор во разбирањето на емоциите. Тоа го вклучува не само она што луѓето го кажуваат, туку и ги следи невербалните сигнали, изразите на лицето, говорот на телото.
Емоциите, ако знаеме добро да ги согледаме, можат да бидат корисни при размислувањето и донесувањето одлуки. Доброто разбирање на емоциите може да ни помогне да ги одредиме свесните реакции.
Исто така, важно е вистински да се разберат емоциите. Не мора секогаш нечие изразување на гнев да го толкуваме како непријателство кон нас. Можеби тој што покажува гнев добил казна за непрописно паркирање, има несогласувања во партнерските и семејните односи. Високиот степен на емоционална интелигенција се заснова и на способноста за ефикасно управување со емоциите, што може да ни помогне да реагираме на најдобар можен начин.
- Емоциите се моќни, но и променливи
Постојат многу начини на кои емоционалната интелигенција може да ни помогне во секојдневниот живот. За почеток, важно е да броите до 3, дури и до 103, пред да реагирате непромислено. Емоциите се моќни, но понекогаш и несигурни па ни се привидува. Тие се и непостојани. Можеби за три дена подобро ќе разбереме одредена ситуација и ќе сфатиме дека не е сè како што изгледало на почетокот. Емоционално наелектризираните настани бараат и емотивно интелигентен одговор. Луѓето велат дека „утрото е попаметно од вечерта“, можеби е пологично да оставиме нешто да отстои и да помине малку време, пред да одговориме. Експертите нагласуваат дека е подобро да почекате да се смират емоциите и да размислите рационално за сите фактори кои довеле до непријатната кавга.
- Да се биде во „туѓи чевли“
Емоционално интелигентните луѓе можат добро да го предвидат начинот на размислување и емоционалната реакција. Самосвеста за сопствените чувства, она што го проценуваме како добро во нас и што е малку помалку добро, може да ни помогне подобро да ги разбереме и другите луѓе и поуспешно да ги надминеме кризните ситуации.
Сето ова е тешко да се замисли, ако не ги почитуваме емоциите на другите луѓе. Голем дел од емоционалната интелигенција е способноста добро да се согледа начинот на размислување и емоционалните реакции на другите луѓе. Во односите со други луѓе, луѓето со висока емоционална интелигенција, одлично се снаоѓаат. Една од причините е токму фактот што правилно ги толкуваат и што е уште поважно правилно реагираат на туѓите емоции, што е важна особина во интеракцијата со другите луѓе. Како по правило, луѓето со висока емоционална интелигенција одлично управуваат со своите емоции, зборуваат јасно и директно за нив и знаат како да ги обрзложат своите емоции.
Како резултат на тоа, луѓето со висока емоционална интелигенција никогаш не дозволуваат да бидат совладани од негативни емоции (страв, лутина, бес, тага, вина), бидејќи се способни да ги разберат причините за таквите емоции и да ги искористат за позитивно дејствување.
Од друга страна, луѓето со ниска емоционална интелигенција често имаат многу мал круг или воопшто немаат блиски пријатели поради намалена емпатија, односно недостаток на чувствителност за туѓите чувства и поради тешкотии при прифаќање нови работи и појави. Напротив, луѓето со ниска емоционална интелигенција обично не зборуваат и не ги анализираат своите чувства, долго време се чувствуваат виновни поради погрешните потези, избегнуваат да ја прифатат одговорноста за своите постапки, несигурни се, песимисти и имаат тенденција да ја префрлаат вината на други луѓе. Генерално, луѓето со ниско ниво на емоционална интелигенција имаат проблеми во различни области од животот. Тие главно не се успешни во работата и немаат квалитетен социјален живот.
Оние кои успеваат да остварат блиски врски и да влезат во врска или брак, најчесто ја прекинуваат врската по кратко време поради недостаток на зрел емотивен аспект.
- Развивање на емоционалната интелигенција
Емоционалната интелигенција, како и логичката интелигенција, може да се развие доста добро благодарение на ангажманот и искуството на поединецот. Во современиот свет, постои зголемен интерес за проучување на социјалната и емоционалната интелигенција. Програмите за социјално и емоционално учење се дел од наставната програма во многу училишта. Целта е да се спречат конфликти, мобинг на работното место, врсничко насилство во училиштата, семејно насилство. Емоционално интелигентните луѓе прифаќаат критики, имаат развиено чувство за одговорност, умеат да споделуваат чувства со други луѓе, се трудат да ги решат проблемите за сите страни да бидат што е можно позадоволни. Емоционално интелигентните луѓе знаат како е да се биде во кожата на друг, знаат да слушаат, не осудуваат и на тој начин си помагаат себеси и другите да бидат подобри луѓе.
Емина Петкова – Психолог при канцеларијата за Бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка
Оваа активност е дел од проектот „Јаки жени, ја јакнат заедницата III“ финансиски поддржан од фондација Kvinna Till Kvinna и Шведска.