На 13 март 2025 година, ОЖОСВН ја реализираше првата од четирите предвидени работилници во рамки на програмата „Растеме заедно во лидерки на заедницата“. Темата на оваа работилница беше „Развивање меки вештини: комуникација, тимска работа, решавање конфликти и емоционална интелигенција“, со цел учесничките – „Менторки на иднината“ – да ги зајакнат своите лични и професионални компетенции, да се запознаат меѓусебно и да изградат основа за успешна соработка во рамки на програмата.
Работилницата започна со воведно претставување на програмата и целите што ќе ги реализираме во наредниот период. Учесничките имаа можност да се запознаат низ интерактивни вежби, што придонесе за создавање на пријатна и мотивирачка атмосфера.
Преку динамична презентација и практични примери, девојките се запознаа со основите на меки вештини – вештини кои се клучни за личен и професионален успех. Ги разгледавме принципите на ефективна комуникација, начини на активно слушање и важноста на јасното изразување на мислењата и ставовите.
Посебно внимание беше посветено на тимската работа и техниките за градење успешни тимови. Учесничките преку групни активности учеа како да соработуваат, да ги препознаат различните улоги во тимот и да изградат однос на доверба и почит.
Дел од работилницата беше фокусирана и на емоционалната интелигенција, односно способноста да се препознаат, разберат и контролираат сопствените емоции, како и да се препознаваат емоциите на другите. Оваа тема поттикна интересна дискусија за тоа како емоциите влијаат врз нашето однесување и како можеме свесно да ги насочуваме во различни животни ситуации.
Оваа работилница не беше само можност за учење, туку и простор за размена на искуства, создавање нови пријателства и зајакнување на меѓусебната поддршка. Преку неформални разговори и тимски игри, девојките се поврзаа и формираа основа за идна соработка во рамки на програмата.
Продолжуваме со нови активности. ОЖОСВН со голема посветеност ја спроведува програмата „Растеме заедно во лидерки на заедницата“, која има за цел да ги мотивира, охрабри и подготви младите жени за активна улога во општеството.
Оваа активност е дел од проектот „Јаки жени, ја јакнат заедницата III“ финансиски поддржан од фондација Kvinna Till Kvinna и Шведска.