Платформата за родова еднаквост го следи судењето против 36-годишната Ванѓелица од Кратово, којашто е жртва на семејно насилство, а која Основнот јавно обвинителство ја гони за сторено кривично дело „Убиство со умисла“.
Како што веќе нагласивме, сметаме дека во конкретниов случај станува збор за акт на самоодбрана, односно за институтот „нужна одбрана“, а не за сторено кривично дело „убиство со умисла“, како што тврди Јавното обвинителство.
Во текот на судењето беа презентирани и вештачење на обвинителството и вештачење на одбраната. Двете вештачења утврдуваат дека обвинетата немала намера да го стори делото и не го планирала, односно целта ѝ била да се одбрани од жртвите. Обвинетата поради повеќегодишните конфликти со жртвите носела во себе афектна тензија спрема нив, а во критичниот момент, поради чувство на животна загрозеност од сопругот којшто викал, ѝ се заканувал и ја тепал, довело до афектна ерупција при која таа посегнала по нож. Кога влегол свекорот и ѝ рекол дека ќе ја убие, тргнувајќи кон неа за да ја нападне, таа повторно посегнала по нож.
Афектот бил од конфликтните ситуации, фрустрациите од повеќегодишното малтретирање, закани, вербални расправии со сопругот и свекорот. Поради страв за сопствениот живот, ситуацијата кулминирала со силно афектно празнење што довело до убиство. За да настапи силна раздразнетост постојат четири критериуми: интензивен афект, афект што не е вина на сторителот, афект предизвикан од жртвата што настанува во краток временски период – миг. Настанот траел кратко, таа делувала во миг раздразнета од моменталното чувство дека животот ѝ бил загрозен.
И доказите на обвинителството, но и вештачењето на одбраната, потврдуваат дека станува збор за акт на самоодбрана, односно, за институтот „нужна одбрана“. Оттука, бараме обвинителството да го преквалификува делото, имајќи ја предвид и веќе постоечката судска пракса. Постапувањето на Јавното обвинителство многу наликува на случајот на Пале Иловска од Велес која исто така беше долгогодишна жртва на семејно насилство и во акт на самоодбрана го уби насилникот. Слично како и во овој случај, и неа Обвинителството ја гонеше за „убиство на миг“. Судот тогаш правилно донесе ослободителна пресуда.
Платформата за родова еднаквост бара доколку ОЈО Куманово не изврши преквалификација на делото, судот да постапува со должно внимание во овој предмет и да ги разгледа сите решителни факти и да ги земе предвид принципите утврдени со ослободителната одлука во случајот на Пале.