Младите преземаат иницијативи кога имаат можности

  • Почетна
  • ОЖО
  • Младите преземаат иницијативи кога имаат можности

Младинската координаторка на ОЖОСВН, Стефанија Арсова, како локална менторка на ученичкиот парламент во СОУ „Кочо Рацин“ и ООУ „Св. Кирил и Методиј” во Свети Николе, во текот на ноември и декември 2025г., успешно реализираше по три едукативни работилници на следните теми:

  • Комуникациски вештини – каде учениците стекнаа знаења за ефективна, ненасилна и видови комуникација;
  • Истражувачки методи и алатки – каде имаа можност да се запознаат со техники за истражување и
  • Развивање на ученичка иницијатива – со цел поттикнување на проактивност, тимска работа и ангажман во училиштниот живот, каде развивме конкретна иницијатива со буџет, план и цели.

Како резултат на реализираните едукативни работилници, во СОУ „Кочо Рацин“ ќе се продолжи со развивање на ученичката иницијатива за уредување на училишниот хол и обезбедување шкафчиња за училишната опрема на учениците.

Во ООУ „Св. Кирил и Методиј“ ќе се започне со уредување на соблекувалните во спортската сала, со цел подобрување на условите за учениците.

ОЖОСВН веќе втора година е дел од проектот „Промоција на безбедна училишна средина“. Со реализација на овие работилници и ученички иницијативи се придонесува кон создавање на побезбедна, поддржувачка и инклузивна училишна средина, во која учениците се охрабрени активно да учествуваат, да соработуваат и да преземаат одговорност за подобрување на условите и односите во своето училиште. Исто така, со овие активности се отворија и можности за 15 ученици од двете училишта од нашиот град да одат на повеќедневна посета и тренинг во детското село Песталоци во Швајцарија.

ОЖОСВН ќе продолжи да ги поддржува и гради капацитетите на младите и особено сме задоволни со ангажманот, креативноста и посветеноста на младите. Тие се доказ дека кога имаат можности и им се дава простор, поддршка и знаење – можат да создадат позитивни промени во својата заедница.

Проектот „Промоција на безбедна училишна средина“ во периодот септември 2023 – август 2026 година го реализира Коалиција на младински организации СЕГА во партнерство со Македонскиот Центар за Граѓанско Образование, Прва Детска Амбасада во Светот МЕЃАШИ и СМАРТ АП – Лабораторија за социјални иновации, со поддршка од Детската Фондација Песталоци.

Проектот има за цел да придонесе кон остварување на правото на децата за квалитетно образование во безбедна и партиципативна училишна средина. Целта ќе се постигне преку: подобрена имплементација на законските одредби за ученичко учество во процесите на донесување одлуки и заштита на децата, зајакнати капацитети на основните и средните училишта за превенција и справување со насилство и примена на наставни методи и техники кои поддржуваат и промовираат заштита, учество и еднакви можности за сите ученици и ученички.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен