Во периодот од 15 до 17 декември 2025 година, во хотел „Романтик“ во Дојран, се одржа дводневна консултативна средба со советници и координатори за еднакви можности од општините во Вардарскиот регион, меѓу кои: Свети Николе, Лозово, Велес, Неготино и Кавадарци, како и претставнички од женски граѓански организации од регионот.
Консултативната средба имаше за цел да мапира недостатоци, пречки и проблеми со кои се соочуваат креаторите и донесувачите на одлуки во процесите на интегрирање на родовиот концепт во локалните политики. Наодите кои произлегоа од оваа средба ќе бидат дел од Прирачникот за воведување на родовиот концепт во локалните политики, а со цел да биде практичен и корисен според потребите на оние кои учествуваат во целиот процес. Настанот беше наменет за претставници од локалните механизми за родова еднаквост (координатори за еднакви можности и членови на комисиите за еднакви можности меѓу мажите и жените), експерти за родови прашања, како и претставници на женски граѓански организации од општините во Вардарскиот плански регион.
Преку интерактивни сесии, групни вежби и конкретни примери од пракса, учесниците работеа на теми поврзани со:
- поимите еднаквост, рамноправност и родова интеграција;
- обврските на јавниот сектор за промоција на еднаквост и спречување на дискриминација;
- националната и меѓународната правна рамка;
- методи и алатки за родова интеграција во јавните политики;
- циклусот на креирање политики и родово одговорно буџетирање;
- анализа и унапредување на годишните програми од родов аспект.
Посебен акцент беше ставен на подготовката на годишните програми, при што се посочи дека тие треба да бидат усогласени со релевантните закони, стандарди за човекови права и принципите на родова еднаквост.
Консултатитвната средба ја фасилитираше експертката Гордана Несторовска, која со своето искуство придонесе за продлабочување на знаењата и поттикнување конструктивна дискусија меѓу учесниците. Преку заедничка работа и размена на искуства, беа идентификувани предизвици, но и можности за унапредување на локалните политики и програми.
Евалуацијата на крајот од средбата, само уште еднаш потврди дека на Советниците, на почетокот на нивните мандати им е потребна воведна обука за креирање на јавни политики и интегрирање на еднаквите можности во нив.
Исто така, даде и насоки за понатамошна подготовка на Прирачникот за негова практична примена и применливост од страна на креаторите и донесувачите на одлуки на локално ниво, што претставува значаен чекор кон поодржливи и поинклузивни локални политики.
Активноста беше организирана од Организацијата на жените на општина Свети Николе, во рамки на проектот „Локален компас кон еднаквост“, поддржан од Фондацијата Kvinna till Kvinna (Шведска) и финансиран од UK International Development.







