На 12.04.2023 се одржа работилница „Подобрување на функционалноста и работата на Локалниот младински совет на општина Свети Николе”. Оваа работилница е прва од петте кои треба да се реализираат во рамки на оваа програма и на истата присуствуваа 15 млади од основните училишта „Гоце Делчев“ и „Кирил и Методиј“, млади од средното училиште „Кочо Рацин“, подмладоци од политичката партија на ВМРО-ДПМНЕ, волонтери од невладината организација „Деница“ и други млади. Работилницата ја фасилитираше Владимир Смилев – младински работник.
Фасилитаторот ја започна работилницата со запознавање на учесниците со новиот Закон за младинско учество и младински политики, нагласувајќи ја важноста на младинскиот ангажман и учество во локалното одлучување. Учесниците се запознаа со поимите Службеник за млади, Канцеларија за млади, Локален младински совет, Младински центар и која е нивната улога во општината.
Потоа следеше дискусија меѓу учесниците за предизвиците со кои се соочуваат младите во Свети Николе и начините на кои новиот закон би можел да помогне во справувањето со овие предизвици.
Учесниците, преку интерктивен пристап се стекнаа со нови знаења за можностите кој Законот за младинско учество и младински политики ги нуди и со заедничка работа во групи дефинираа кои законски одредби недостигаат и што е потребно за нивна примена во пракса.
На крајот се зборуваше за реалните потреби на младите во општината, каде учесниците даваа предлози и препораки што би можеле тие самите да направат како млади и како поактивно би се вклучиле сите млади доколку би имале простор каде би можеле тие да се дружат.
Севкупно, работилницата беше позитивен чекор напред во вклучувањето на младите во граѓанскиот живот на Свети Николе и нивно зајакнување да станат активни граѓани. Многумина ветија дека ќе се вклучат поактивно во локални иницијативи за промовирање на младинскиот развој и благосостојба.
Оваа работилница е дел од проектот „Вклучени млади, силни заедници“, кој е финансиран од програмата за грантови на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата” финансиран од ЕУ, а спроведуван од Коалиција на младински организации СЕГА.