Овој прирачник е подготвен во рамките на проектот „Зајакни ја промената: Подобрување на застапувањето преку медиуми“. Проектот е поддржан од Фондацијата Квина Тилл Квина од Стокхолм, Шведска, со финансиска поддршка од UK International Development, имплементиран од Организација на жените на општина Свети Николе (ОЖОСВН).
Целта на проектот е да се подобри капацитетот и ефективноста на локалните женски граѓански организации и организации за човекови права на национално ниво, преку застапување за политики засновани на докази, подигнување на свеста за родово базирано насилство и создавање влијателни приказни за општествени промени.
Овој прирачник треба да им помогне на локалните граѓански организации кои работат на полето на женски права и организациите за човекови права воопшто, да испланираат активности за застапување за идентификувани проблеми поврзани со родово базираното насилство. Сублимираниот материјал во овој прирачник е комбинација од развиени тренинг материјали за ефективно застапување и користење на различна литература. За да не се оптоварува текстот со многу фусноти, целокупната користена литература е наведена на крајот на овој прирачник. Сметавме дека овој пристап овозможува полесно следење на содржината, додека истовремено им овозможува на читателите да имаат пристап до изворите доколку сакаат подлабоко да истражуваат одредени теми.