На 24.11.2023 со почеток од 13ч. се одржа информативна средба со жителите на општина Лозово.
Целта на оваа средба беше да се запознаат жителите од Лозово со услугите кои ги пружа Канцеларијата за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка при ОЖОСВН.
За самиот проект, што обезбедува Канцеларијата за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка и како тие самите можат да ја искористат бесплатната помош, доколку им е потребна, говореше адвокатката Кристина Стојчева-Крстева.
Бесплатната правна помош обезбедува помош за оние кои не можат да си дозволат правни услуги и на тој начин придонесува кон еднаков пристап до правда за сите. Овој тип на поддршка е важен бидејќи помага да се заштитат законските права на ранливите поединци и осигурува дека тие не се неправедно обесправени во правните постапки.
Психо-социјалната поддршка е форма на помош која се однесува на психолошката и социјалната благосостојба на поединецот. Таа има за цел да обезбеди емоционална и практична поддршка на поединци кои можат да доживеат стрес или други психолошки фактори, особено во процеси на правна постапка или соочување со некаков правен проблем. Овој тип на поддршка може да вклучи советување, терапија, социјална и други форми на интервенција кои им помагаат на поединците полесно да се справат со нивните проблеми и да го подобрат квалитетот на животот. Целта на психо-социјалната поддршка е да се промовира менталното здравје, социјалното функционирање и целокупната благосостојба.
За време на информативната средба, присутните добија информации за услугите и разговараа за конкретни правни прашања.
Оваа активност е дел од проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка 2“. Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и The Kvinna Till Kvinna Foundation, финансиран од Европската Унија а ко-финансиран од Шведска.