Во периодот од 28.11 до 02.12 се оддржаа 4 отворени дискусии на тема „Учество на жените во волонтерски противпожарни активности“.
Дискусиите имаа за цел да ги идентификуваат предизвиците, пречките и недостаотците за вклучување на жените во волонтерски противпожарни служби во Северна Македонија. Преку идентификување и поддршка на патишта за активно учество на жените како волонтерски пожарникари се придонесува кон градење на родова еднаквост и социјална инклузија на жените и девојките во различни „машки професии“.
На самите дискусии се донесе заклучок дека можностите за вклучување на жените во волонтерски противпожарни активности се ограничени, а жените се соочуваат и со структурни и општествени бариери во нивното остварување. Преку овие дискусии се дојде до многу важни информации кои ќе помогнат понатаму да се креираат соодветни настани за подигање на јавната свест и дизајнирање долгорочно стратешко планирање и комуникација за вклучување на жените во волонтерската противпожарна служба во 4 пилот општини – Свети Николе, Дојран, Охрид и Струмица.
Дискусиите ги водеа реномирани истражувачки од Англија, кои доаѓаат од престижните универзитети: Northumbria University Newcastle и The University of Manchester Global Development Institute. Нивните споделени знаења, искуства и глобални перспективи ни помогнаа да го разбереме значењето и потенцијалот на женската вклученост во хуманитарните и противпожарните волонтерски активности и нè инспирираа да создадеме посилни, поодговорни и побезбедни заедници. Исто така, преку овие дискусии имавме можност да спознаеме дека во Македонија има потенцијал, интерес и желба за вклучување на девојки и жени во противпожарниот сектор, но има и стереотипи, менталитет и недостаток на ресурси за да се оствари ова. Учесничките на дискусиите во сите 4 града, се согласија дека во Македонија нема рол модел на жена пожарникарка, но и самите не се свесни дека жените имаат физички предиспозиции за да помогнат во случаи на пожар, како и дека нивните вештини можат да ги искористат за координација, логистика и комуникација во случај на итност и потреба.
Оваа активност е само почеток на соработката која ОЖОСВН ја започна со Operation Florian од Англија, Мрежа на доброволни противпожарни друштва на Македонија и истражувачките од универзитетите Манчестер, Шефилд и Нортамбрија од Англија, а финансиски поддржан од Операција Флориан и Британска амбасада во Скопје.






