Работилници на група за самопомош во декември

Физичката активност помага во следење на телесната тежина, ја одржува густината на коските и јачината на мускулите, го намалува ризикот од развој на висок крвен притисок и шеќерна болест, ја подобрува психолошката состојба и го намалува ризикот од срцеви болести и прерана смрт. Исто така, постојат докази дека физичката активност е поврзана со намалениот ризик од рак на дојката и дебелото црево, како и намалениот ризик од рак на белите дробови и рак на слузокожата на матката. На 02 декември за Групата за самопомош на жени заболени и лекувани од малигни болести беа реализирани вежби за релаксирање. Во пријатна и поддржувачка атмосфера, учесничките практикуваа релаксирачки вежби, се дружеа и преку смеа се потсетија на значењето на секојдневната грижа за телото и духот како основа за поздраво и посигурно утре. Работилницата ја водеше лиценцираната физиотерапевтка Марија Таушанова Стеванова.

Во рамки на активностите за членките на групата за самопомош, на 16 декември се одржа работилница на тема „Дебело црево“, Преку стручно и посветено излагање на д-р Гордана Митева, учесничките добија јасни и корисни информации за функцијата на дебелото црево, можните заболувања, симптомите и значењето на навремената дијагностика. Разговорот се одвиваше во отворена и искрена атмосфера, исполнета со прашања и споделени искуства, што уште еднаш ја потврди важноста на континуираната едукација и редовната превенција како клучни чекори кон подолг и поквалитетен живот.

Активностите се реализираат во рамки на проектот „Заедно да превенираме и се бориме против ракот на дојка – 2025“, финансиски поддржан од Локалната самоуправа на Општина Свети Николе.

 

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен