“Доаѓањето на добар кловн во местото прави повеќе за здравјето на населението од илјадници шишенца со лекови” – Thomas Sydenham, лекар од 17 век.
Се сеќавате ли кога последен пат навистина сте се засмеале така искрено и од срце, па ве заболел стомакот и мускулите на лицето, а смеата ве опфатила целосно па не сте имале контрола над себе? Или во друштво сте се смееле толку многу што дури сте се заборавиле што ве засмеало првично и сте продолжиле да се смеете уште повеќе, без причина?
За расположение
Современата наука потврдува дека таква смеа не само што го подобрува расположението донесувајќи веселост, туку и го крепи здравјето. Смеата е возбудлив можен начин за подобрување на расположението кој нежно ја „издишува” напнатоста и ги олеснува меѓучовечките контакти. Хуморот ни нуди значаен поглед во нас самите, но и на светот околу нас. Смешно ни се чини се што не се согласува со она што го очекуваме дека ќе се случи, а не завршува катастрофично по нас или нашите блиски.
Против анксиозност и страв
Хуморот е потврда на нашата човечност, начин на кој без страв дека ќе се понижиме, ги изразуваме своите вознемирености, стравови и често скриени чувства од другите. Преку хуморот го кршиме мразот, ја зајакнуваме довербата и тоа не поврзува во состојба на заедничко добро расположение кога сме со другите.
…при состојба на стрес
Хуморот е најдобар „противотров“ за стресните ситуации. Кога во стресната ситуција ќе видиме комичност, многу брзо се менува и нашиот одговор на заканата за нас која сме ја забележале во стресната ситуација. Хуморот ни овозможува да се оддалечиме и да ги надополниме непријатните чувства на стресот со радост и веселба. Кога се смееме, едноставно не можеме толку да сме загрижени, се ослободуваме од стресот не сваќајќи го животот премногу сериозно. Сите во животот наидуваме на пречки и правиме грешки. Нема дрво без гранки и човек без грешки, гревови, промашување на целта. Она што поминало не може да се поправи. Наместо да гледаме со непријатност би можеле да се обидеме да се насмееме на целата ситуација. Многу помага кога ќе се пронајде ироничната и комичната страна на настанот и нештата кои се надвор од нашата контрола.
„Утринска гимнастика“
Смеата ја нарекуваат уште и „утринска гимнастика”. Искрената и силна смеа ги раздвижува мускулите на лицето, рамените мускули, препоните и стомачните мускули, мускулите на нозете и рацете. Стегањето на срцето и покачениот крвен притисок за миг исчезнуваат, дишењето се подобрува и се продлабочува, кислородот побрзо протекува низ крвотокот. Потоа мускулите се опуштаат и крвниот притисок се намалува, а организмот се враќа во нормала. Со добра смеа трошите толку калории на час како при брзо одење. При добро, искрено смеење мозокот го зголемува ослободувањето на ендорфини, мозочни опијати кои овозможуваат состојба на висока будност и намалување на чувството на болка. Сознанијата велат дека хуморот го покачува прагот на осетливост на болка, го намалува стресот и во целост го засилува имунолошкиот систем. Луѓето кои се наклонети кон хуморот и смеата исто така потешко се вознемируваат во поголем обем при непријатни ситуации. Во едно друго истражување на студенти им се задавани многу тешки математички проблеми и процесот на решавање станал прилично стресен. Потоа им била дадена можност да избираат да гледаат видео снимки по нивен избор, репортажи од природа и реки во Исланд или снимки од скриена камера. Се покажало дека слободно избраните снимки од скриената камера еднакво го намалиле нивото на стрес. Хуморот влијаел само кај оние кои веќе имале таков животен стил, кои гледаат на настаните низ призмата на хуморот и смеата. Затоа за да имаме најмногу корист од смеата таа мора да стане составен дел од нашето живеење.
Против вируси
Научниците кај луѓето изложени на хумор забележале исто така многу брз, нагол скок на нивото на антитела во плунката кои помагаат во борба против инфекциите, на пр. вирусот на настинката. Кај оние кои изјавиле дека хуморот почесто го користат како средство за совладување на стресот, пронајдено е поголемо ниво на антитела. И најпосле, кај луѓето кои имаат голема смисла за хумор, не е забележан очекуваниот пад во функционирањето на имунитетот при изложеност на стрес.
За зголемување на нашата допадливост
Лицата кои се насмеани ги доживуваме како повеќе привлечни, отворени и самоуверени. Насмеаните се оние кои се добредојдени во тимска работа. Насмеаноста е поврзана и со должината на врските и бракот. Затоа лицата да ги украсиме со насмевка.
Како да се смееме за да останеме здрави?
Еве неколку совети како да ја подобрите својата смисла за хумор, да ги доживеете благодетите на смеата и здраво и среќно да се смеете.
- Водете „смешен дневник”
Навикнете се смешната (забавната) досетка или забелешка која ќе ја слушнете, исто така и да ја запишете. Бидете внимателни за прекрасните бисери од децата околу вас кои тие така спонтано ќе ги кажат или напишат. Отворете ги ушите за духовните лапсуси и забавните збрки на зборови. Запишувајте си ги и духовитите натписи на маиците, регистерските таблички, досетките, смешните настани кои ви се случуваат вам или на вашите блиски. Побарајте или измислете си сами духовита изрека која лесно ќе ја повторувате кога работите ќе почнат да се заплеткуваат, ќе почувствувате дека сте под стрес или кога ќе се разочарате. На пример, дамнешната филмска порака „Секој ден, во секој поглед се повеќе напредувам“ или филозофијата на Чарли Браун, лик од цртаните филмови, со која се растрашува велејќи дека ќе се исплаши, но само на секој страв поединечно. Изреката ќе ви предизвика насмевка и така ќе ви го поправи расположението. Така таа лесно ќе стане ваш верен придружник кој ќе ве предупредува, дека треба да гледате на смешната страна дури и тогаш кога работите нема да ви се чинат многу смешни.
- Кажете виц
Да имате смисла за хумор не значи да знаете да кажете или вешто да кажувате многу вицови. Некои луѓе, на кои шегите им значат, велат дека не ги кажуваат затоа што сметаат дека не знаат добро да ги кажуваат и затоа ги чуваат за себе. Други велат дека ги забораваат истиот миг кога ќе ги слушнат. Негувајте ги своите шеги, фокусирајте се на хумористичното. Ако слушнете некоја добра шега запишете ја во својот дневник и кажете ја барем на тројца. Така таа подобро ќе се задржи во нашата глава. Не оптоварувајте се со тоа колку добро ќе ја кажете. Често новата верзија на вицот може да биде посмешна од првобитната. Ако сте од оние кои никако не можат да запомнат шега можете да се насочите кон хуморот во секојдневниот живот. Станете свесни за комедијата на сопствениот живот. Порано или подоцна секому му се случува нешто смешно, забележете го тоа, запомнете го и задржете го, но и раширете го.
- Смејте се на своја сметка
Смешното побарајте го повеќе кај себе отколку кај другите. Ако имате очекување дека се што правите треба да правите совршено и целосно нема ни да си „дозволите“ смисол за хумор. Затоа дозволете си да направите грешка или глупост, како и сите други и да си се насмеете на себе заради тоа. Така ќе може да си ги прифатите своите недостатоци. Оние кои може да го направат тоа се многу посамоуверени. Кога сте сами и имате време само за себе застанете пред огледало и испробајте десет смешни изрази на лицето: вцицајте ги образите навнатре, притиснете го врвот на носот, гледајте вкрстено, истегнете го јазикот кон носот или брадата. Вака растегнувајќи ќе почусвтвувате како напнатоста попушта. Вашите увежбани смешни изрази на лицето може да ги употребите во опуштени игри со деца, шеги со колегите или непознати на одмор. Смеата станува заразна.
Mатеријалот го подготви психолог Емина Петкова.