Тренинг растеме заедно – вешти, храбри, свои

Во периодот од 24 до 27 јуни 2025 година во Охрид, ОЖОСВН реализираше тридневен тренинг „Растеме заедно – вешти, храбри, свои“, кој собра девојки и млади жени од различни заедници со заедничка цел – личен раст, поврзување и градење капацитети за активно учество во општеството.

На тренингот присуствуваа 20 учеснички од општините: Свети Николе, Кочани, Делчево, Кавадарци, Неготино и Велес.

Тренингот имаше за цел да го разбуди лидерскиот потенцијал и да го поттикне граѓанскиот ангажман и вклучувањето на девојките и младите жени на различни нивоа во своите заедници, преку развивање на комуникациски вештини, самодоверба, критичко размислување и лидерство.

Првиот ден беше резервиран за пристигнување, меѓусебно запознавање и воведна сесија за комуникација – вербална, невербална и говор на телото.

Вториот ден се фокусиравме на тимска работа, игри на доверба, основи на ефективна комуникација и логичко решавање проблеми. Девојките преку практични вежби ги надградија своите вештини и знаења и ја зајакнаа меѓусебната соработка.

Третиот ден обработивме теми за критичко размислување, емоционална интелигенција, самопочит и личен развој – области кои ја зајакнуваат свесноста и сигурноста кај секоја учесничка.

На последниот ден зборувавме за лидерство и улогата на младите жени како двигатели на промени во своите средини. Преку заедничка рефлексија и евалуација, ги споделивме впечатоците и заклучивме дека овој тренинг ни донесе повеќе од знаење – донесе заедништво, пријателство, поддршка и нова енергија.

Благодарност до сите учеснички кои беа дел од ова искуство. ОЖОСВН ќе продолжи со иницијативи кои ги охрабруваат младите девојки да се вклучат, да влијаат и да растат – заедно.

Овој тренинг е дел од проектот „Јаки жени, ја јакнат заедницата III“ финансиски поддржан од фондацијата Kvinna Till Kvinna и Шведска.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен