Организација на жените на општина Свети Николе успешно ја реализираше валидациската сесија на Прирачникот за интегрирање на родови перспективи во локалните политики.
Настанот се одржа на 16 февруари 2026 година во ресторанот „Билазора“ во Свети Николе, со активно учество на претставници од локалната самоуправа, институции и други релевантни претставници на локално ниво од општините Свети Николе, Неготино, Кавадарци, Росоман, Градско и Лозово.
За време на сесијата беше презентирана нацрт-верзијата на Прирачникот и неговата методологија, по што следеше конструктивна и продуктивна дискусија. Присутните дадоа конкретни коментари, препораки и сугестии со цел унапредување на Прирачникот и обезбедување негова практична и институционална применливост.
Особен фокус беше ставен на проверка на применливоста на алатките како што се родова анализа, родово одговорно буџетирање, користење родово разделени податоци и дефинирање соодветни индикатори. Дополнително, беше разгледана усогласеноста на Прирачникот со националната законска рамка и локалните политики, како и можностите за негова понатамошна имплементација.
Со оваа валидациска сесија се зајакна чувството на сопственост и институционална посветеност кај учесниците, што претставува значаен чекор кон систематско и одржливо интегрирање на родовата перспектива во локалните политики.
Организација на жените на општина Свети Николе изразува благодарност до сите учесници за нивниот придонес, ангажман и поддршка во процесот на креирање квалитетен и применлив документ кој ќе придонесе кон поинклузивни и родово одговорни локални политики.
Активноста е во рамки на проектот „Локален компас кон еднаквост“, поддржан од Kvinna till Kvinna и финансиран од UK International Development – Британска амбасада во Скопје.




