Во рамки на активностите за одбележување на Октомври – месец за борба против рак на дојка, на 25 октомври во Свети Николе се одржа прошетка со цел подигање на јавната свест за оваа болест и значењето на превенцијата и негово рано откривање. Прошетката започна во градскиот парк, од каде учесниците продолжија низ централното градско подрачје, испраќајќи силна порака за превенција, грижа за себе, но и поддршка на жените кои се справуваат со болеста.
На прошетката учествуваа граѓани од сите возрасни групи – од најмали до најстари – што ја нагласи важноста на вклученоста на целата заедница во ваквите иницијативи. Присуството на голем број учесници покажа дека темата за здравјето и превенцијата е препознаена како заедничка одговорност.
Во рамки на настанот беше реализирано и симболично садење цвеќе во форма на розева панделка во градскиот парк, како препознатлив знак на поддршка за лицата кои се соочуваат со ракот на дојка, но и како потсетник за важноста од редовни прегледи и информираност и по завршување на месец октомври. Активноста беше организирана во соработка со координаторката за еднакви можности во Општина Свети Николе и Комисијата за еднакви можности, кои со оваа иницијатива уште еднаш ја истакнаа својата посветеност кон унапредување на јавното здравје и еднаквите можности за сите граѓани.





