ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО (булинг – bullying)

ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО – ШТО Е ТОА?

Врсничкото насилство (булинг – bullying) често започнува со поблага форма на префрлање/закачање на послабите/повлечени деца и тоа секогаш е насочено токму таму каде што детето е најслабо.
Децата изложени на врсничко насилство се вообичаено омаловажени и социјално отфрлени, а трпат и некои форми на агресија од страна на еден или повеќе врсници, како на пример:

-Вербална агресија: потсмевање, именување со погрдни имиња, закани и слично;
-Социјална агресија: исклучување од разни активности; оговарање и ширење невистини, со што најдобрите пријатели на детето-жртва одеднаш го свртуваат грбот; пишување пораки по клупи/столчиња или графити; различни напади преку интернет/мобилен телефон и слично;
-Физичка агресија: подбутнување, хостилен говор на телото, заканувачки гестови, удирање, тепање и слично.

Односот помеѓу напаѓачот и жртвата е обележан со неурамнотежени емоции и моќ, при што жртвата е вознемирена, преплавена со лутина и страв додека, пак, напаѓачот е мирен и надмоќен.

Некои стручни лица веруваат дека врсничкото насилство може да започне уште од третата година на животот кај детето, додека други тврдат дека во тоа време не може да станува збор за класично/намерно нанесување на повреди врз друго лице затоа што, како што сметаат тие, тоа се години кога детето е недоволно когнитивно зрело за да би можело да ги разбере туѓите емоции.

Примерот со исклучување од игра може да се примети уште од предучилишна возраст, кога децата не им дозволуваат на други деца да си играат со нив или, пак, ги поттикнуваат другите деца да не си играат со други, одредени деца, делејќи се на групи.
Децата од предучилишниот период кажуваат смешни и апсурдни нешта кои не секогаш се намерно усмерени кон друго дете или возрасен човек. Се верува дека децата на тој начин експериментираат со зборови и фрази кои неодамна ги имаат научено. Се смета и дека оваа врска на проблеми е важна во развојот на децата, затоа што им пружа прилика за вежбање при социјализација и за тоа како би се носеле со одредени социјални искуства подоцна во животот (во градинка, училиште и понатаму). Одредени истражувања говорат за тоа дека, на светско ниво, врсничкото насилство е сè пораспространето и, за жал, сè  почесто кулминира со физички напади – најчесто за време на основното образование додека, пак, во средно, истото опаѓа, но и понатаму може да биде голем проблем за еден млад човек, и покрај тоа што во тој период физичкото насилство е малку поретко.

КАКВИ СЕ ДЕЦАТА КОИ ВРШАТ ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО?

Децата кои вршат врсничко насилство, најчесто имаат позитивен став спрема насилството и се убедени дека сите конфликти можат да ги решат на тој начин. Таквиот став може да биде последица од „учење по модел“ – во кругот на семејството или, едноставно, социјалното опкружување во кое детето расте или, пак, има доживеано искуства со претрпено насилство во семејството или во врсничката група.
Во пракса, многу често може да се слушне од децата-насилници дека и тие, исто така, некогаш биле жртва на насилство. Од друга страна, пак, во литературата се споменува дека децата-жртви на насилство би можеле да се опишат како срамежливи, анксиозни и внимателни, деца што се повлекуваат кога се нападнати. Ниту едното, ниту другото, не мора да значи дека е вистинита и официјална дефиниција. Постојат различни варијации/примери.
Децата со насилничко однесување ненужно се жртви на семејно насилство, не мора да значи дека нивните родители или било кои други возрасни лица им се модели за однесувањето – за ова виновни можат да бидат некои други возрасни лица од нивното опкружување, па дури земаат пример и од свои врсници кои така се однесуваат, мислејќи дека го земаат совршениот пример за однесување во секојдневието и го прифаќаат како таков.
Како и да е, им треба самозаштита – тоа е несомнено точно. За да би ја преживеале опасната ситуација, тие го преземаат точно тоа што се покажало како најдобриот заштитен механизам – нападот, зашто сметаат дека на тој начин ќе го заплашат врсникот и со тоа ќе им покажат на другите дека од никого и од ништо не се плашат.

ПОСЛЕДИЦИ ОД ВРСНИЧКОТО НАСИЛСТВО

Децата-жртви на врсничко насилство обично патат од чувство на страв, тешкотија и фрустрации кои често им прават да се чувствуваат беспомошно, незаштитено и осамено. За некои деца ваквите искуства можат да бидат крајно повредувачки и на тој начин би можеле да се соочат со посттрауматски стрес кој би се пролонгирал. Миксот од емоции кои што овие деца ги доживуваат е изразено токсична за нивната психолошка добросостојба.
Ваквите емоции можат да прераснат во состојба на токсичен срам што го поддржува чувството на беспомошност во однос на однесувањето со другите врсници, па така овие деца веруваат дека дури ниту повозрасните не би можеле да им помогнат.
Секое дете чувствува основна психолошка потреба дека треба да се чувствува поврзано со блиските, да биде прифатено и сигурно во околината во која што живее. Тука е и потребата за способност да влијае врз луѓето што го опкружуваат – сака да се чувствува дека е важно, забележано и успешно во однос на своите интеракции со другите. Кога едно дете не може да си ги задоволи ваквите потреби низ вообичаените односи со врсниците, може да избере погрешен пат/начин на дескруктивно однесување и приклучување кон лошо друштво (банди, култови и слично). Типични последици од ваквите стресни искуства се: проблеми при учењето, физички болести, потешкотии во размислувањето, стрес, преголема осетливост, поради која се јавува бес и насилно реагирање, дури и во моментите кога за тоа навистина нема потреба, чувство на очајност и депресивност, како и чувство на безнадежност што може да кулминира со самоубиствени мисли.

ШТО ДА СЕ НАПРАВИ И КАКО ДА ИМ СЕ ПОМОГНЕ НА ДЕЦАТА ДА СЕ ЗАШТИТАТ ИЛИ ДА ГО ПРОМЕНАТ СВОЕТО ОДНЕСУВАЊЕ?

За да се доведе до промена на однесувањето кај децата-насилници, ние, возрасните треба да ја разбереме нивната перспектива и причината зошто бираат да се однесуваат на тој начин. Па така, не е доволно детето да се казни, затоа што самата казна нема да доведе до промени во однесувањето. Напротив, би можела да ги влоши нештата. Со детето треба да се работи: да му се променат ставовите, гледиштата и убедувањата во врска со насилното решавање на проблемите. Дури тогаш би можеле да очекуваме промена кај детето.
Кога зборуваме за деца кои трпат насилство, пак, важно е да се развие систем на поддршка во нивното опкружување, што подразбира: топла и поддржувачка атмосфера во семејството, помош при стекнување на нови пријателства, зајакнување на постоечките пријателства и, секако, јакнење на самодовербата, како и подучување на нови вештини за комуникација.
Родителите можат да одиграат значајна улога кај децата кои што вршат насилство и кај децата кои трпат насилство. И во двата случаи, родителите треба да го следат однесувањето на своето дете, да ја регистрираат секоја промена во неговото однесување и расположение и да проверуваат дали е сѐ во ред. Тие, исто така, треба да го подучуваат детето на позитивно однесување, да му укажуваат на грешките што ги прави и да го учат на нови вештини за комуникација, но и да им објаснат дека секогаш кога ќе дојде до врсничко насилство, потребно е да се обратат кај возрасна личност (родители, наставници или други личности во кои што имаат доверба). Единствено на тој начин насилството би можело да се сопре. Затоа е најважно тоа дека ние, возрасните, треба да ги слушаме и разбереме децата и нивните проблеми, да не им ги минимизираме истите и да се потрудиме да не реагираме пренагласено кога ќе се случи некаков проблем. Во такви ситуации е важно да реагираме на начин кој ќе им помогне на децата да се соочат со реалноста и правилноста, да им понудиме помош и поддршка и да им послужиме како модел за конструктивно решавање на настанатата проблематична ситуација.

 

Текстот го подготви Ружица Сотировска, психолог во Канцеларијата за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка.

Оваа објава е напишана и објавена како дел од проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка. Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и Фондација Kvinna till Kvinna, а финансиран од Европската Унија.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен