Организација на жените на општина Свети НиколеОрганизација на жените на општина Свети НиколеОрганизација на жените на општина Свети Николе
+389 32 444 620
Свети Николе, Македонија

Меѓународен ден на подигање на свесноста за стресот

Првата среда од месец ноември секоја година е резервирана за одбележување на Меѓународниот ден на подигање на свесноста за стресот. Овој ден го втемелила Меѓународната заедница за справување со стресот (ISMA), со цел да се помогне при давање на информации за стресот и стратегии како истиот да се реши и искорени.

Овој ден е одличен повод да започнеш да внимаваш на себе и својот живот, како и да се соочиш и да ги исфрлиш непотребните стрес-фактори кои те измачуваат. Доколку не пронајдеш начин како да се справиш со стресот, можеш да станеш жртва на сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи: покачен крвен притисок, осетливост на срцеви заболувања и пад на имунолошкиот систем.

Секогаш кога си соочен/а со предизвик или закана кон твоето добро, телото ти претрпува стрес. Без разлика дали се занимаваш со работа која те става под страшен притисок или, пак, во животот или врската со партнерот/партнерката се соочуваш со борби што те оставаат во положба на постојана грижа и слабост – стресот е на прво место, јавувајќи се како потенцијален, тивок убиец.

Многу е важно да се знае дека стресот делува на сите важни телесни функции, а сериозно може да делува на помнењето и да доведе до развој на тешка форма на депресија. Исто така, стресот е причинител на проблеми со дишните патишта и кардио-васкуларниот систем: срцето чука забрзано и, на тој начин, после некое време може да дојде до проблеми со стеснување на артериите и покачено ниво на холестерол, нешта кои се главни причинители за срцев и/или мозочен удар. Исто така, големото количество на стрес допринесува и за проблеми при варењето на храната, но и на нарушувања во менструалниот циклус, како и болни и/или изоставени месечни циклуси.

Стручните лица советуваат: треба да научиш како да се „исклучиш“, да не се нервираш без причина, да поминуваш што е можно подолго време надвор, во природа, почесто да се смееш и дружиш со блиските, да се храниш здраво, да го исклучиш мобилниот телефон и да си најдеш креативно хоби за трошење на слободбото време… Едноставно – да си обезбедиш сопствена зона посветена единствено и само на тебе.

Сигурно барем еднаш си имал/а период од животот кога ти недостасувал сон, си работел/а многу, премногу си размислувал/а, лошо си се хранел/а… За жал, ваквите моменти се сè почести во секојдневието на „модерниот“ човек, а се забележува дека се зголемени откако светот започна да функционира „онлајн“, користејќи го интернетот како главно средство за комуникација и социјализација (особено во периодот на ковид-19 изолациите, карантините и слично). Ова значи дека голем дел од луѓето ја имаат изгубено границата помеѓу приватноста и професионалноста и не знаат кога е време за работа, а кога за одмор.

Се препознаваш во горенапишаното? Не си сам/а! Не си единствен/а! Ваквите моменти можат да се преживеат но, најпрвин, најважно е човек да се сака самиот себе и да си објасни и разјасни што тоа се случува во организамот за време на стресот. Да, тоа е стрес!

Мораш да знаеш дека и секој стрес не е лош.

Првата асоцијација за стрес е нешто лошо, непријатно и возменирувачко. Но, не мора да значи. Постојат две врсти на стрес: стрес со позитивни ефекти (еустрес) и стрес со негативни ефекти (дистрес). Во првата категорија се сите изненадувања и убави вести што ги слушаш – нешта кои ти предизвикуваат убави емоции, возбуда и задоволство. Овие нешта, истовремено, те исфрлаат од колосек, па затоа телото ги препознава како „лоши“.

Како и повеќето негативни нешта во животот – и стресот не бира кој ќе погоди. Не се важни годините, професијата или нешто друго. Но, секој човек го доживува стресот индивидуално: за некој едно нешто е стресно и непогодно додека, пак, за некој друг, истото тоа нешто е сосема нормално и лесно минливо. Секој човек е различен: некои се ментално појаки, поагилни и побрзо закрепнуваат од стресните ситуации, а други, пак, многу потешко се справуваат и им треба многу поголем временски период за да закрепнат од некоја стресна ситуација. Ова значи дека најпрвин мораш да се соочиш со стресот, да сфатиш во каква ситуација се наоѓаш и да се смириш, знаејќи дека алармантно ти е потребна некаква промена. Таа промена можеш да ја направиш со тоа што ќе избереш нешто кое те релаксира и ти ги трга лошите мисли на страна, како на пример: спортување, прошетка со пријатели/ки, пишување, слушање музика, гледање филм, серија, медитација, кафе со блиска личност, па дури и едноставно лежење во кревет со мислите оттргнати на страна. Сѐ што знаеш дека ти делува добро – примени го! Покажи му на стресот дека не е посилен од тебе, не дозволувај му да загосподари со тебе и да ти се заканува со уништување.

Меѓутоа, лесно е сето тоа да се каже. Постојат многу луѓе кои не можат да го пронајдат филтерот за справување со стресот, па така сѐ повеќе се разочаруваат и тонат во место. Затоа, овде настапува менталната хигиена – ако не можеш да си помогнеш сам/а на себе, секогаш има некој друг кој ќе ти излезе во пресрет: блиски пријатели, родители, професионалци, кои преку разговор ќе те научат како да се справиш со тешката ситуација. Најважно е да сфатиш дека не смееш да ги чуваш негативните мисли во себе: исфрли ги на површина, ослободи ги градите и не дозволувај стресот да се таложи во тебе. Сѐ што е негативно – искажи го. Менталната хигиена треба да ти биде составен дел од животот, исто како што треба да одиш на редовни лекарски контроли, треба да ја применуваш и неа, барем еднаш на неколку месеци. Желбата за подобар живот и општа состојба треба да биде многу цврста и силна – само така ќе си помогнеш и ќе ги победиш сите стресни животни ситуации.

Секако, доколку не можеш сам да се справиш со стресот кој ти го предизвикуваат секојдневните ситуации, секогаш можеш да побараш стручна помош, во вид на психотерапија или психо-социјална поддршка, кадешто ќе наидеш на разбирање и ќе научиш техники со кои да се носиш во стресогените ситуации.

 

 

Текстот го подготви Ружица Сотировска, психолог во Канцеларијата за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка.

Оваа објава е напишана и објавена како дел од проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка. Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и Фондација Kvinna till Kvinna, а финансиран од Европската Унија.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен