Зошто ни е толку важно што мислат другите за нас?

Прерано и најчесто погрешно заклучуваме дека посветувањето на големо внимание кон мислењето на другите за нас е карактеристика на луѓето кои доаѓаат од мали средини или дека е нешто што треба да се надмине, дека е нешто непожелно, незрело итн.

Дали е  навистина така?

Ние сме биолошки предиспонирани да се грижиме што мислат другите луѓе. Нашиот мозок еволуирал да биде чувствителен на она што другите луѓе го мислат за нас. Биолошки на неколку начини…

Прво, во минатото кога сè уште сме живеле во племиња, од клучно значење за опстанокот било племето да не прифати. Затоа што само така сме имале најголеми шанси да преживееме, да се храниме и да се размножиме (човечки инстинкти). Напуштањето и отфрлањето на племето значело намалување на тие шанси.

Значи, за да не прифати племето, било доста важно што мисли племето за нас, како и тоа ние да се прилагодиме кон потребите на племето.

Второ, онтогенетски гледано, бебињата зависат од грижата и вниманието на другите луѓе. Бебето не може да преживее самостојно. Така, за тоа да преживее, многу е важно што мислат за него околината, родителите и згрижувачите.

Бебињата, но и децата, добиваат слика за себе, за тоа кои се, што се и колку вредат врз основа на повратните информации од околината. Бебето нема самосвест, тоа сликата за себе ја стекнува врз основа на тоа како околината реагира на него.

Соодветно на тоа, ако околината не се однесува кон детето со грижа, љубов и внимание, детето не е способно да размислува „што им е на овие луѓе, зошто со мене се однесуваат така“, детето може само да размислува „што не е во ред со мене, зошто околината вака се однесува кон мене“. Како резултат на тоа, често го развиваме чувството дека мора да бидеме подобри отколку што сме и дека нешто не е во ред со нас, такви какви што сме.

Трето, ние сепак сме социјални суштества кои не само што бараат да бидат поврзани со другите од рана возраст, туку таа потреба ја носат во текот на целиот свој живот. Говорот, размислувањето, јазикот… се развиваат во односот и во комуникација со други човечки суштества. Присуството на други ни ја ублажува болката, а одржувањето добри односи со луѓето има многу поволно влијание врз нашето физичко и ментално здравје.

Значи, „што ќе кажат другите“ и „што мислат другите“ не е само модерна измислица од провинцијалци или несигурни, туку биолошка креација чија цел била да обезбеди опстанок.

Значи, не можеме, ниту мораме целосно да се ослободиме од чувството на важност на она што другите го мислат.

Но, кога таа важност станува проблем?

Во моментот кога ќе пораснеме, сме се развиле и  ќе забележиме дека сме во развиена цивилизација каде мислењето на „племето“ не е од витално значење, туку е само пожелно. А убавото е и што ако ова „племе“ не не прими, има и други „племиња“ кои  можеби ќе не примат.

Овие племиња, во денешно време, можат да го симболизираат нашето семејство, нашиот круг на пријатели, соседи, колеги или тим од работа, друштво од тренинг, политичка организација, граѓанска организација, планинарско или играорно друштво итн.

Дури тогаш, кога неприфаќањето од некого претставува долгорочна пречка за понатамошен развој, кога тоа ни го нарушува секојдневието… кога не сме сигурни што сме и кои се очекувањата на другите… тогаш е време да дејствуваме.

Кога стануваме премногу чувствителни во однос на споредувањето со другите и тоа што ќе кажат другите, ризикуваме да се изгубиме, да се удавиме во толпата и да станеме збунети, како, врз која основа и со која цел носиме одлуки.

 

Што да правиме кога ќе се сфатиме дека ни станува проблем тоа што премногу се грижиме за тоа што мислат другите луѓе?

Запрашајте се …

Дали навистина знам што мислат другите или само мислам дека тие го мислат тоа?

Дали навистина знаеме што мисли другата личност? Мали се шансите, освен ако експлицитно не ни каже (иако и во такви ситуации се работи за доверба и верување на личноста дека била искрена во изјавувањето на тоа што го мисли).

Значи, она што другите луѓе го мислат се всушност само наши претпоставки за тоа, а ние потоа ги толкуваме овие претпоставки како апсолутен факт и постапуваме соодветно.

Ајде да сфатиме дека „што мислат другите“ се главно само наши претпоставки, а не факти.

 

Запрашајте се…

Дали ви е корисно според својата претпоставка, која не можете со сигурност да ја потврдите, како факт, да постапите во согласност со неа?

Најчесто не, затоа што можеме да поминуваме часови, денови размислувајќи што би рекле другите или што ќе кажат ако дознаат нешто. Тоа размислување тогаш прави да се чувствуваме тажни, лути, засрамени…

Така се чувствуваме затоа што се грижевме што мислат другите луѓе.

Што кога се ​​занимаваме со факти, а не со претпоставки?

И на крајот на краиштата, што и ако го мислат она од што ние се плашиме?

 

Мислењето на другите луѓе не вознемирува само кога сме несигурни и не знаеме кои сме, што сакаме, кон што се стремиме.

Кога и самите имаме несигурности за некоја тема за која што некој не „прозива“ или коментира, тогаш реагираме, тогаш тоа ќе нè „боцне“ или поттикне на акција.

На пример, ако некој ви каже дека сте глупави онака од „ведро небо“, а знаете дека сте паметни, нема да се оптоварите премногу. Едноставно, знаете и свесни сте за своите способности, а коментарот не е за некоја конкретна ситуација, туку е општ.

Меѓутоа, ако некој ви каже дека во конкретна ситуација во комуникација сте „испаднале глупави“ затоа што не сте одговориле на нешто, не сте се залагале за себе, не сте побарале повеќе, а некој друг побарал, па можеби тој поминал подобро, тогаш веројатно нема да ви биде сеедно.

 

Секогаш кога некој ќе ни каже нешто што не сме го „преработиле“ во и со самите себе, или мислиме дека не сме се снашле добро или има некоја тема која е проблематична за нас и чувствуваме дека другите луѓе „не не разбираат“ – тоа ќе не „боцне“. Колку повеќе нè „нервира“ нешто – толку таа тема ни е понерасчистена и актуелна. Кога сами ќе го решиме проблемот, коментарите или „прозивките“ повеќе нема да ни пречат.

Честопати овие работи се несвесни и само чувствуваме дека сме се изнервирале или дека не повредил зборот, или не ни било драго она што некој го рекол, а не знаеме точно зошто. Понекогаш влегуваме во расправија, објаснување, оправдување… и таквите разговори можат да ескалираат.

Кога сме во мир со себе и со нашите одлуки, не не „боцкаат“ туѓите коментари или ставови, колку и да се спротивни на нашите. Тогаш сме „смирени“ и можеме дури и да се шегуваме на своја сметка. Немаме потреба пред никого да се „оправдуваме“, објаснуваме, убедуваме во што било.

„Да работиме на себе“ подразбира дека „решаваме” се што ни пречи за да бидеме смирени и дека се помалку има работи што можат да не изнервираат и „да нè исфрлат од такт“.

Колку подобро се познавате себеси, толку побрз и полесен е овој процес 🙂

А да се запознаете себе си е доживотна задача…

Емина Петкова – Психолог при канцеларијата за Бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка

Оваа активност е дел од проектот „Јаки жени, ја јакнат заедницата III“ финансиски поддржан од фондација Kvinna Till Kvinna и Шведска.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен