Менталното здравје вклучува емоционална, психолошка и социјална добросостојба. Влијае на тоа како мислиме, се чувствуваме и се однесуваме. Исто така, го одредува и тоа како се справуваме со стресот, како се поврзуваме со другите и какви избори правиме. Тоа е важно во секој период од животот, од детството и адолесценцијата, преку возрасниот период, па сé до староста.
Секоја година, 10-ти октомври се одбележува како светски ден на менталното здравје. Неговата улога е да ја подигне свеста за проблемите со менталното здравје низ светот и да ги активира напорите за поддршка на истото. Овој ден нуди можност за сите засегнати страни коишто работат во делот на проблеми со менталното здравје, да зборуваат за нивната работа и што уште треба да се стори за тоа грижата за менталното здравје да стане реалност за сите луѓе низ светот.
Оваа година, слоганот под кој се одбележува е „Ментално здравје во нееднаков свет“. Баш тој слоган беше избран, бидејќи светот e многу класно поделен, со тоа што многу богатите стануваат уште побогати, а бројот на луѓе коишто живеат во сиромаштија сé уште е многу голем. 2020 ги нагласи нееднаквостите поради расата и етничката припадност, сексуалната ориентација и родовиот идентитет и недостигот на почит на човечките права во многу држави, вклучувајќи ги и луѓето што живеат со состојби на нарушено ментално здравје. Некои нееднаквости се одразија на менталното здравје на луѓето.
Овој слоган ќе го нагласи фактот дека пристапот до сервиси за ментално здравје останува нееднаков, со тоа што 75-95% луѓе со ментални нарушувања од сиромашните и средно богатите земји немаат никаков пристап до сервиси за ментално здравје, а во богатите земји пристапот не е многу подобар. Недостатокот на инвестирање во менталното здравје е непропорционален со целокупниот буџет за здравје, што придонесува до јаз во лекувањето на менталното здравје. Многу луѓе со ментални болести не го добиваат лекувањето на кое имаат право и заедно со нивните семејства и/или негуватели продолжуваат да ја искусуваат стигмата и дискриминацијата.
Во текот на животот, може да се случи да се соочуваш со проблеми со менталното здравје, кои можат да ти се одразат на мислењето, расположението и однесувањето. Многу фактори допринесуваат до проблеми со менталното здравје, меѓу кои:
• биолошки фактори, како што се гените или „хемијата“ во мозокот
• животни искуства, како траума или злоупотреба
• семејна историја на проблеми со менталното здравје.
Еден или повеќе од следните чувства или начини на однесување, може да значи дека е ран предупредувачки знак на некој проблем со менталното здравје. Тука спаѓаат: јадење или спиење премногу или премалку, имање многу малку енергија или воопшто не, чувство на празнина, необјасниви болки на различни делови од телото, чувство на беспомошност или безнадежност, пушење, пиење или користење дроги (повеќе од вообичаено), чувство на невообичаена збунетост, заборавност, чувство како да си на работ, лутина, вознемиреност, исплашеност или загриженост, викање или карање со семејството и пријателите, доживување на чести промени во расположението, кои се одразуваат на врските со блиските луѓе, постојани мисли од кои не можеш да се ослободиш, слушање гласови или верување во нешто кои не се вистинити, размислување за повредување на себе или на другите, неможност за изведување на рутински дневни активности, како на пр. грижење за своите деца или одење на работа/училиште/факултет и др.
Ако чувствувате било што од ова, побарајте професионална помош од психолог, психијатар или психотерапевт, кои ќе ти помогнат на соодветен начин, преку психотерапија и/или медикаментозна терапија, зависни од потребата.
Стигмата и дискриминацијата која ја искусуваат луѓето кои имаат ментална болест, не само што се одразува на физичкото и менталното здравје на личноста, туку стигмата исто така се одразува и на нивните можности за образование, сегашни и идни работни места и секако, на животите на нивните семејства и саканите. Нееднаквоста треба да биде детектирана од каде потекнува, затоа што не смее да продолжи.
Пандемијата со КОВИД 19 уште толку ги нагласи ефектите од нееднаквост на здравствените исходи и ниедна нација, колку и да е богата, не беше потполно подготвена за тоа. Пандемијата се одрази и ќе продолжи да се одразува на луѓето, од сите возрасни групи, на многу начини: преку инфекции и болести, преку економско влијание, преку губење на работата и продолжена работна несигурност и со физичко дистанцирање, кое исто така може да доведе до социјална изолација.
Мораме да реагираме, и тоа итно.
Секој заслужува пристап до медицински услуги, кога и да му е потребно тоа, без разлика дали заради проблеми со физичкото или со менталното здравје. Да бидеме дел од промената за која се залагаме и да го направиме пристапот до медицински услуги полесен и поефективен, зашто, после сé низ што поминавме од почетокот на пандемијата, навистина го заслужуваме тоа.
Уште еднаш те потсетуваме дека во склоп на Организација на жените на општина Свети Николе функционира Канцеларијата за бесплатна правна помош (БПП) и психо-социјална поддршка (ПСП). Те охрабруваме да нѐ контактираш и да си помогнеш себеси или на некој близок.
Текстот го подготви Ружица Сотировска – психолог во Канцеларијата за БПП и ПСП.
Оваа објава е напишана и објавена како дел од проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка. Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и Фондација Kvinna till Kvinna, а финансиран од Европската Унија.