„Жените од руралните средини обработуваат за сите“ е годинешната тема по повод Меѓународниот ден на руралната жена, што се одбележува секоја година на 15ти октомври.
Историјата на овој ден влече корени од 2007 година, кога за првпат бил одбележан на светско ниво на иницијатива на Генералното Собрание на Обединетите Нации. Неговата цел е да се препознае критичната улога и придонесот на жените од руралните средини, вклучувајќи ги во процесот на зајакнување на земјоделскиот и руралниот развој, како и подобрувањето на безбедноста на храната и искоренувањето на сиромаштијата во руралните средини.
Мора да се напомене дека жените и девојките од руралните средини играат суштински улоги во системите за храна – од производство, до преработка, подготовка, потрошувачка и дистрибуција на храна – како и во обезбедувањето исхрана за домаќинствата и целата заедница, воопшто. Меѓутоа, постојат големи нееднаквости во односите помеѓу жените и мажите во домаќинството и општеството: дискриминација во поглед на родовите норми и практики, семејно насилство врз жени и девојки, како и нивниот непропорционален удел во неплатената грижа за домот и целата домашна работа која што тие ја извршуваат чувствувајќи се дека тоа, едноставно, мора да биде така. Сето ова резултира со родова нееднаквост и дискриминација/потиснување на женскиот пол.
Знаејќи го тоа дека жените од руралните средини се жени кои што најчесто се занимаваат со земјоделие и производство на домашна храна, важен е моментот дека недостатокот од прехранбените производи стана повоочлив за време на светската пандемија со Ковид-19, заедно со климатските промени и природни катастрофи кои, за жал, се зголемени во последно време. Истражувањата на светско ниво покажуваат дека речиси 2.37 билиони луѓе немале соодветен пристап до храна во 2020 година, што е за 20 отсто повеќе за разлика од 2019 година.
Токму затоа, Обединетите Нации оваа година ја дадоа темата „Жените од руралните средини обработуваат за сите“ – тие, процентуално, се голем и значаен дел од прехранбената индустрија и треба да им се овозможат подобри услови за работа, како и да им се помогне во насока на родова еднаквост, социјална правда, пристап до различни видови услуги, заштита и почитување на нивните права и подеднакво вклучување во сите сфери од општествениот живот, особено на локално ниво. Овој феминистички план има, исто така, цел да ги поддржи жените кои се занимаваат со обработка на земјоделски култури и да ги охрабри преку нивно искачување на скалата на родово-еднаква агроекологија (алтернатива за индустриската агрикултура), што, пак, би овозможило посигурни извори на храна за сите други луѓе.
Организација на жените на Општина Свети Николе работи директно на терен со овие жени и е посветена на зајакнување на жените и девојките од руралните средини и нивна поголема интеграција во општеството.
Да ги поддржуваме руралните жени и девојки и да ги охрабриме активно и со еднаквост да учествуваат во донесувањето одлуки на сите нивоа, да влијаат во донесувањето на политиките во однос на родот и подобрување на квалитетот на живот, како и да го зголемат нивниот пристап до соодветни алатки, технологии, инфрастуктури, информации и институции – со цел да се изгради родово-сензитивно општество и подеднакво учество на жените од руралните средини во секој животен/општествен сегмент.
Да го чуеме гласот на жените/девојките од руралните средини и да ги поддржиме, затоа што тие се дел од нас, од нашата заедница, од нашето општество, и само така ќе одиме напред!