Организацијата на жените на општина Свети Николе во пресрет на Меѓународниот ден на жената – 8 Март, на 7 март положија цвеќе на споменикот на паднатите борци во градскиот парк во Свети Николе. Во пресрет на овој важен празник, кој се прославува низ целиот свет, локалните женски граѓански организации ОЖОСВН и ГИЖ, Комисијата за еднакви можности и Градоначалникот на општина Свети Николе по положувањето на цвеќе на паднатите борки и поздравниот говор на актуелната претседателка на ОЖОСВН, Даниела Панева и првата претседателка, Македонка Гилева, им одадоа почит со едноминутно молчење.
Волонтерките на ОЖОСВН поделија честитки на присутните со моќни пораки за храброста, силата, бестрашноста на девојките и жените. Славејќи ја женската сила, солидарност и важност, ја подигаме свеста за женските права, еднаквоста, почитта, можностите…
Повеќе од 500 честитки беа поделени на девојки и жени од различни возрасти и во различни локални фирми, дуќани, институции и случајни минувачи. Честитките покрај мотивирачките пораки, имаа цел и да ги информираат жените и девојките за нивните права, особено во контекст на насилството врз жените и нивно охрабрување за превземање чекори за надминување на насилната средина.
Активностите потсетуваат на важноста на солидарност, еднаквост и праведност и здружено градење општество што ќе ги почитува и вреднува сите, без предрасуди и стереотипи.
Да продолжиме да работиме на тоа да ги отстрануваме бариерите кои ја ограничуваат еднаквоста и да создадеме свет во кој жените ќе бидат слободни, безбедни и почитувани еднакво со мажите.
Овој активност е дел од проектот „Зајакни ја промената: Подобрување на застапувањето преку медиуми“ кој го спроведува Организација на жените на општина Свети Николе (ОЖОСВН). Проектот е поддржан од The Kvinna Till Kvinaa Foundation од Стокхолм, Шведска со финансиска поддршка од UK International Development.