Анализа 1
Жените се дел од општината, колку нивните потреби се вклучени во локалните политики?
Граѓанското учество се однесува на тоа како поединците и групите се вклучуваат во нивната заедница. Демократскиот концепт на активно граѓанско учество подразбира граѓаните и граѓанките активно да ја следат работата на нивните избраници и постојано да се вклучуваат во креирањето на локалните политики. Процесот на децентрализација бара висок степен на учество на граѓаните во креирањето на локалните политики.
Иако постојат различни механизми за вклучување на граѓаните во процесите на креирање на локални политики, сепак нивното учество во овие процеси е на многу ниско ниво.
Жените и девојките имаат помалку можности и затоа поретко или воопшто не ги користат механизмите на учество на локално ниво. Нивната неинформираност, како и ограничен пристап ги прави пасивни во локалната средина и придонесува кон исклучување на нивните потреби од локалните политики. Учеството на жените во креирањето на локалните политики е неопходно за вклучување на нивните интереси и потреби во локалните политики. Во спротивно, политиките кои би се донеле од страна на локалната самопурава без учество на жените се сметаат за неинклузивни и недемократски.
Со цел да се надмине неактивноста на жените потребно е да се промовираат можностите за нивна вклученост, да се зајакнат нивните капацитети и да се изнајдат начини кои би биле лесно достапни на жените и со кои би се поедноставил нивниот пристап кон креирање на локалните политики. Сето ова, од една страна бара поголеми напори од страна на локалните самоуправи, но од друга страна овозможува локалната самоуправа да спроведува процеси кои се демократски и инклузивни.
За оваа цел Организација на жените на општина Свети Николе спроведе анализа колку жените од општина Пробиштип се вклучени во локалните политики.
Од спроведената анализа може да се заклучи дека жените и девојките од општина Пробиштип, воопшто не се консултирани и со тоа вклучени во процесите на креирање локални политики. Генерално пристапот до информации на жените и девојките за настани, случувања, промени и активности во нивната локална самоуправа е ограничен, односно нема соодветни механизми и алатки каде да се информираат и никој не се грижи за да достави навремена информација до сите жители во општината.
Жените и девојките добиваат одредени информации за настани, промени и активности во нивната општина, но тоа не е редовно, навремено, достапно и соодветно канализирано. Најчесто процесот на информирање и консултации е во перидот на предизборните кампањи.
Како најдобри пристапи за информирање кои што се и најлесно достапни за жените и девојките се информирањето преку писма и соопштенија и директните средби со претставници од политичките партии и месната заедница.
Воопшто не е за занемарување фактот дека е голем процентот на жени и девојки кои се изјасниле дека сакаат да бидат консултирани за нивните проблеми и потреби и вклучени во локалните процеси на креирање и донесување политики. Па од тука може да се заклучи и дека жените и девојките имаат желба, мотивација, потреба да си ги искажат своите проблеми, да учествуваат и бидат дел од заедничко креирање на подобри услови за живот во заедницата за сите. Ова, исто така, покажува и потреба дека треба поактивно да се работи на терен со жените и девојките, одблиску да се запознаат со своите права и должности како граѓанки на една заедница, достапните механизми за делување и застапување на своите потреби пред релевантните локални власти.
Анализата можете да ја погледнете тука:Анализа 1 Општина Пробиштип
Ова анкетно истражување го спроведе Организација на жените на општина Свети Николе во рамките на проектот „Родова перспектива на потребите, политиките и буџетот на општина Пробиштип“ – регрантиран од Центар за истражување и креирање политики – Скопје преку проектот „Низ женски леќи“ финансиски поддржан од Делегацијата на ЕУ во Скопје.