Анализа на постоечките практики на користење на механизми за консултација со граѓаните во креирањето на локални политики во општина Пробиштип

  • Почетна
  • Новости
  • Анализа на постоечките практики на користење на механизми за консултација со граѓаните во креирањето на локални политики во општина Пробиштип

Законот за еднакви можности на жените и мажите на РСМакедонија, кој содржински соодветствува на меѓународната и европска регулатива за еднакви можности и еднаков третман, ги дефинира еднаквите можности на жените и мажите како „Промовирање на начелото на воведување еднакво учество на жените и мажите во сите области од јавниот и приватниот сектор, еднаков статус и третман во остварувањето на сите права и во развојот на нивните индивидуални потенцијали преку кои тие придонесуваат за општествениот развој, како и еднакви придобивки од резултатите произлезени од тој развој“.

Општината има суштинска улога во промовирањето на учеството на жените и мажите во процесите на донесување одлуки и треба да обезбеди социјална, економска и политичка правда за сите во заедницата. Процесот на децентрализација за да биде успешен, потребно е висок степен на учество на целокупната локална заедница во овие процеси. Преку воспоставување на ефективна комуникација со мажите и жените, општината ќе биде запознаена со нивните потреби и проблеми и ќе може да делува за да ги задоволи истите. Затоа се потребни институционални механизми и добри практики кои треба да се имплементираат континуирано, но и унапредат и подобрат ако има потреба. Учеството во локалното управување и одлучување означува дека жените и мажите не се само физички присутни туку се активни чинители кои ги застапуваат своите интереси и влијаат на промeни. Учеството на жените пак, во овие процеси е клучно за постигнување општествени и економски промени. За да можат жените да го изнесат своето мислење и да влијаат на квалитетот на управување и донесување одлуки во нивните заедници, неопходно е да се работи на различни пристапи за нивно информирање, консултирање и учество. Кога станува збор за учеството на жените во локалните процеси на одлучување, секогаш треба да се има предвид комплексноста на родовите односи, различните потреби и приоритети, традиционалното и патријархално воспитување, односите на моќ. Обезбедување на место на жените во постоечките процеси кои се користат за решавање на важни прашања во заедницата и приоритизирање на потребите на жените може да се случи единствено ако жените навремено се информирани за тоа, но и ако се охрабрат да си ги искажат своите потреби. Затоа е потребно самата општина да воспостави соодветни механизми и алатки преку кои прво навремено ќе ги информира жените и девојките, вклучително и оние од руралните средини, за различни активности, настани, состаноци кои се случуваат во општината. Потоа е потребно на жените да им се обезбеди сигурен простор каде што ќе можат да ги искажат без страв своите ставови, мислења, проблеми, потреби. Од друга страна треба да постои отвореност и од креаторите и донесувачите на одлуки, за да ги земат во обзир искажаните потреби, ставови и мислења и да понудат и донесат соодветни решенија за нив во локалните политики. Тука е клучна улогата на креаторите и донесувачите на одлуки кои треба да креираат соодветни канали за комуникација со жените и девојките од општината и почесто да излегуваат на терен и да оддржуваат средби со жените и девојките.

Ова се само дел од заклучоците произелезени во Анализа на постоечките практики на користење на механизми за консултација со граѓаните во креирањето на локалните политики во општина Пробиштип, која ја изработи ОЖОСВН.

Целата анализа можете да ја погледнете тука:Анализа 2 – Општина Пробиштип

 

Оваа активност е дел од проектот „Родова перспектива на потребите, политиките и буџетот на општина Пробиштип“- регрантиран од Центар за истражување и креирање политики – Скопје, преку проектот „Низ женски леќи: покревање на политики и буџетски иницијативи, следење на спроведувањето на локалните акциски планови за родова еднаквост“ финансиран од Европската Унија преку програмата Support to Civil Society Networks and Platforms in the Republic of North Macedonia.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен