Кафе средба со службеникот за млади од општина Свети Николе

На 04.05 заедно со младите од нашата општина, одржавме кафе средба со службеникот за млади Ивица Арсов. Средбата имаше едноставна, но важна цел – да се промовира службеникот за млади и да им се даде до знаење на младите дека во општината има човек кој може да одговори на нивните потреби.

Самата кафе средба започна со претставувањето на службеникот кој им објасни дека тој е лице кое е одговорно за работењето на Канцеларијата за млади при општина Свети Николе и дека е тука за координирање, спроведување и следење на прашања кои се од интерес на самите млади.

Младите имаа можност да ги кажат своите идеи, што се, според нив им недостига во нашата општина, како службеникот за млади да биде поблиску до нив и да делува во нивен интерес и во која насока да се насочи за да им помогне во областите во кои тие сакаат да се активираат.

Младите активно учествуваа во дискусијата и отворено ги споделија своите потреби. Беше одлично да се види колку младите беа ангажирани и заинтересирани во разговорот и колку беа спремни да ги споделат своите мислења.

Една од темите што се појавија на средбата беше недостигот на женски спортски тимови во Свети Николе, а особено отсуството на женски одбојкарски тим. Младите изразија желба за повеќе можности да се занимаваат со спорт и да бидат дел од тим. Стана збор и за потребата од младински центар каде што ќе можат да го поминуваат своето време за неформални обуки, курсеви за јазици и курсеви за ИТ вештини.

Создавањето младински центар може да биде одличен начин да се обезбеди безбедна и поддржувачка средина за младите да научат нови вештини, да се дружат со своите врсници, но и да креираат и превземаат заеднички иницијативи за подобрување на нивната положба во заедницата.

Средбата, исто така, беше одлична можност да се зајакне врската меѓу младите и општината. Со промовирање на младинскиот службеник и создавање на безбеден простор за младите да ги изразат своите грижи, можеме да работиме на градење на поподдржувачка и инклузивна заедница за сите.

Генерално, состанокот беше одличен пример за тоа како соработката и отворената комуникација може да доведат до позитивни резултати за сите вклучени. Се надеваме дека дел од заклучоците од средбата ќе се имплементираат и во пракса, а во иднина ќе има повеќе вакви дискусии и ангажмани меѓу младите и општината.

Оваа објава е дел од проектот „Вклучени млади, силни заедници“, кој е финансиран од програмата за грантови на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата” финансиран од ЕУ, а спроведуван од Коалиција на младински организации СЕГА.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен