Меѓународниот ден за елиминација на насилство врз жените

На 25ти ноември се одбележува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените. Овој ден се одбележува уште од 1981 година. 25 ноември е избран во чест на трите сестри Мирабал – политички активистки во Доминиканската Република кои се спротивставиле на диктатурата на Рафаел Трухило и биле брутално убиени на 25 ноември 1960 година.

Генералното Собрание на Обединетите Нации, пак, на 20 декември 1993 година ја усвоило Декларацијата за елиминација на насилството врз жените, со цел да се искорени насилството врз жените и девојчињата на глобално ниво. На 7 февруари 2000 година, ОН официјално го означува 25 ноември како Меѓународен ден за елиминација на насилството врз жените.

Одбележувањето на овој ден, има за цел да ја подигне свеста за тековното прашање за човековите права. Денес, многу жени ширум светот се предмет на силување и други видови на насилство, што го прави насилството широко распространето и е едно од најчестите форми и кривични дела кои ги кршат на човековите права.

Една од три жени, на светско ниво, се соочуваат со физичко или сексуално насилство – најчесто од страна на интимниот партнер.

На глобално ниво, 35% од жените и девојките се соочуваат со некаква форма на физичко и/или сексуално насилство. Во некои земји, пак, статистиката бележи процент близок до 70%.

Речиси половина од жртвите на трговија со луѓе, на светско ниво, се жени.

650 милиони жени и девојки во светот се принудени да стапат во брак пред да наполнат 18 години.

200 милиони жени и девојки од 30 држави биле подложени на осакатување на женските гениталии.

Околу 15 милиони девојки на возраст од 15 до 19 години доживуваат принуден секс.

Многу жени и девојки кои доживуваат насилни дејствија – не бараат помош, немаат каде или не знаат како. И покрај тоа што 144 земји имаат закони кои се однесуваат на семејно насилство, тие ретко се соодветни на системот и се спроведуваат доследно во пракса. Со подигањето на свеста, овој ден се обидува да ги отстрани молкот, стигмата и срамот околу овие акти на насилство врз жените.

Изминатите година/две, како последица на пандемијата, забележан е раст на родово-засновано насилство: карантинските периоди ги заробија жените во домовите, каде што живеат со насилниците. Истовремено, се случи нагло да порасне употребата и вклучувањето во онлајн-светот, а со тоа скокна и бројката на случаи со дигитално насилство: споделување на интимни слики, протекување на лични информации, трговија преку интернет, сексуално вознемирување и експлоатација, говор на омраза и неовластено јавно објавување на лични информации (адреси,телефонски броеви и слично).

За жал, виртуелниот свет е осамено и беззаконско место, особено за жените и девојките. Според извештајот на Обединетите Нации, кога жените имаат пристап до интернет – се соочуваат со повеќе насилство отколку мажите. И – сите жени се потенцијални жртви.

Сепак, за жал, некој ќе рече дека ваквиот вид на насилство не е реален, затоа што се случува на екранот. Но, дури и ако е така, траумата е и повеќе од реална, и покрај тоа што е последица од сајбер-просторот. Жените-жртви чувствуваат страв, паника, анксиозност, депресија и самоубиствени мисли, а сето тоа негативно влијае на нивното секојдневие.

Доколку решението се бара во тоа жените да се повлечат (делумно или целосно) од интернетот и социјалните медиуми, се јавува друг проблем: на тој начин би се отсекле од заедницата, образованието, забавата и економските можности. Не смее да се стави во сенка и фактот дека, понекогаш, дигиталното насилство излегува од таа рамка и прераснува во офлајн-насилство: следење, лични закани и слично.

Тому затоа, овој ден се залага за ставање крај на насилството секаде каде што се жените: онлајн или офлајн. Не постои разлика помеѓу онлајн и офлајн – основно човеково право на жените и девојките е да се чувствуваат безбедно и да живеат без насилство во сите простори.

Дигиталното насилство и злоупотреба, просто, е насилство и злоупотреба.

И мора да заврши!

25 ноември го означува и почетокот на кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ која завршува на 10 декември – Денот на човековите права.

 

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен