Во периодот од 24 до 26 февруари во Дојран, се одржа обука за Застапување базирано на докази. Обуката беше наменета за млади од општина Свети Николе и на истата присуствуваа претставници од подмладоци на политичките партии, училишна заедница, членови од локалниот младински совет и претставници од Општина Свети Николе. Едукаторка на работилницата беше Драгана Митровиќ.
Целта на оваа обука беше учесниците да се стекнат со знаења и вештини за застапување и лобирање на нивните интереси пред локалните чинители, како и да се запознаат со можностите кои им ги нуди Законот за младинското учество и младинските политики.
Обуката беше интерактивна, практична и ги опфати сите елементи на застапување и лобирање, како и силните страни на застапувањето и ефективни вештини на застапување. Учесниците беа отворени за нови знања и беа активно вклучени во дискусиите за самата тема и сите работни задачи. Обуката беше проследена со вежби за тимска работа и лидерство, а учесниците имаа можност и да вежбаат јавен настап преку презентација на вежбите.
Оваа обука е основа за градење на активни млади кои ќе ги застапуваат интересите на младите пред креаторите и донесувачи на одлуки на локално ниво. Се надеваме во наредниот период овие практични вежби ќе се имплементираат во пракса, а самите млади ќе можат да направат позитивни промени во нивната локална заедница.
Оваа активност е дел од проектот „Вклучени млади, силни заедници“ во реализација на ОЖОСВН, а финансиски поддржан од програмата за грантови на проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата” финансиран од ЕУ, а спроведуван од Коалиција на младински организации СЕГА.