На 28.03 и 11.04. во с.Црнилиште се одржаа две работилници “Стрес и релаксација” и „Превенција за карцином на дојка “.
Работилниците беа водени од психологот Емина Петкова и Примариус специјалист докторка по семејна медицина Гордана Митева.
Оваа година ваков тип на работилници се одржуваат по прв пат во руралните средини со цел да се подигне свеста за навремени прегледи за превенирање од малигни заболувања.
Целта на работилницата со психологот беше жените да осознаат што е позитивен, а што негативен стрес и како да го совладаат за да се соочат со понатамошните предизвици во животот.
Целта на работилницата со докторката беше да се запознаат присутните со поимот карцином на дојка, како се дијагностицира, како се врши самопреглед на дојка и од колкаво значење е навременото откривање на карциномот кој е подла болест.
Се зборуваше и дека во првите фази болеста е безболна и потешка за откривање и дека во денешно време помладите генерации се повеќе заболуваат од малигни заболувања, што значи дека старосната граница на заболување е поместена. За таа цел направивме список на жени кои сакаат да одат на преглед на мамографија и ехо и ќе пробаме да договориме термини во текот на овој месец да бидат прегледани. Исто така, на работилницата со психологот беше потенцирано дека колку е важно да се грижиме за физичкото здравје, толку е важно и менталното здравје, отворениот разговор и грижата за себе.
Оваа активност се реализира во рамки на проектот „Заедно да превенираме и се бориме против ракот на дојка”, финансиски поддржан од општина Свети Николе.