Празнична депресија- како да ја разбереме, превенираме и да си помогнеме

  • Почетна
  • Новости
  • Празнична депресија- како да ја разбереме, превенираме и да си помогнеме

Празничната депресија, често скриена зад блескавите излози и задолжителната еуфорија  е реалност за многу луѓе кои се соочуваат со предизвици во овој посебен период. Во време кога се очекуваат топлина, љубов и заедништво, празниците можат да станат извор на тага, осаменост и стрес за оние кои се борат со емоционални предизвици.

Празничната депресија често останува неизречена и непрепознаена во морето на весели празнични разговори и случувања. Иако за многумина од нас овие денови асоцираат со радост и славење, за некого оваа сезона носи предизвици, многу подлабоки од оние вообичаени за сезоната на празниците. Во сенката на светилките и подароците, празничната депресија го наоѓа своето место, скриено, но реално за оние кои се соочуваат со неа. Кога празнуваме тоа значи дека не работиме, па празниците носат вишок на слободно време што многумина не можат или немаат со што да го исполнат  квалитетно.

Како работохоличарите ги доживуваат празниците

За работохоличарите, поминувањето квалитетно време е поврзано со работата, се друго предизвикува чувство на вина и     инфериорност. Тоа е директна последица на начинот на воспитување во кој се вреднува работата без право на одмор и грешка. Корисни се за општеството, но не и за себе и за своите најблиски бидејќи не знаат да се опуштат, викендот го поврзуваат со главоболки, не ги користат соодветно годишните одмори или празници. Многумина немаат задоволителни партнерски врски бидејќи веќе се во врска со својата работа.

Работохоличарите кои се добри во средувањето и извршувањето на домашните обврски и правење специјалитети ќе се обидат да го пренесат својот перфекционизам на подготовката на прославата, па преморот ќе ги стигне после празниците. Оние кои се помалку вешти во домашните работи може да станат раздразливи, па прекумерните барања и задачи ќе ги префрлат на најблиските. Тоа може да доведе до продлабочување на конфликтите во средина каде што вообичаено не поминуваат многу време бидејќи најчесто се на работа, освен за време на празници. Решението е умереноста во сè.  Да не заборавиме дека човекот работи за да живее, а не живее за да работи.

Чувство на осаменост за време на празниците

За повеќето, овој период од годината е време на радост, честитки и подароци. Сепак, некои луѓе имаат сосема поинакви чувства, тие се исполнети со тага, осаменост, вознемиреност и негативни мисли. Таквото искуство се засилува ако лицето процени дека сите се среќни освен него. Потоа се обидува да го прикрие лошото расположение, а со тоа уште повеќе го зголемува чувството на изолација. Најдобро е, кога се сомневате дека постои празнична депресија, да побарате помош од најблиските или стручна помош, не заборавајќи дека барањето помош е знак на сила, а не на слабост.

Празниците и сеќавањата на минатото, детството, драгите луѓе

Празниците во исто време се поврзуваат со безгрижноста на детството, радост, но и тага поради спомените од минатото кои не можат да се вратат, особено ако се работи за блиски луѓе кои веќе ги нема. Ова е најизразено за време на празниците после загуба (смрт, развод, раскинување, губење на работа, разделба, преселба). Според мислењето на повеќето автори, во овој период од годината има поголема стапка на самоубиства поради осаменоста и чувството на бесмисленост. Друга група автори вели дека поради поголемата емоционална и социјална поддршка (семејно обединување), стапката на самоубиства е помала отколку кога станува збор за последиците од злоупотребата на алкохолот. Статистиката е помалку важна овде, важно е личното искуство и изнаоѓањето механизми за надминување на кризни ситуации.

Што ја предизвикува празничната тага

Тагата и нерасположеноста во овој период од годината, најчесто е поттикната од нереални очекувања, неможност да се собере целото семејство, прекумерна комерцијализација на празниците,ограничени финансиски можности, замор и стрес. Слично искуство може да се појави во врска со главоболки, прејадување, пиење алкохол, недостаток на сон и кај луѓе кои инаку не се склони кон депресија. За ова во голема мера придонесува недостатокот на природна светлина во овој период од годината, што доведува до недостаток на серотонин и мелатонин, кои се одговорни за доброто расположение.

Празниците носат нереална слика на идеализирано семејство, каде не постојат конфликти. На нив се случува магично обединување. Колку е поголема разликата меѓу очекуваното и реалното, толку е поголемо разочарувањето. Треба да ги намалиме нашите очекувања, да бидеме потолерантни кон себе и кон другите. Добрите односи се градат, на нив се работи во текот на целата година. Празничната депресија може да биде предизвикана и од празничното „повлекување црта“, сумирањето и проценка на постигнатото.

Што може да ја предизвика празничната депресија

Постојат три главни групи на предизвикувачи на празнична депресија: меѓучовечки односи, финансии и зголемени физички барања. Важно е да го намалите перфекционизмот, да поставите приоритети и да најдете доволно време за одмор. Никому не му треба преуморна и нервозна мајка за да направи десетина видови колачи. Подобро е да направиме забава за целото семејство со вклучување на децата во правењето на два вида колачи. Пожелно е да се ограничи бројот на посети, да се прифати помош при подготовката, да се ограничи буџетот за да се намали синдромот на исцрпеност и прегорување и постпразничната депресија. Празниците станаа полигон за натпревар во бројот на гости, количината на храна, вредноста на подароците. Притоа се заборава дека суштината е во нематеријалното, натпреварот со самиот себе е подобар. Тој натпревар се заснова на трудот да бидеме подобри луѓе за себе и за другите. Важно е да се биде во сегашниот момент, да уживате во малите нешта кои значат живот.

Празнична депресија, кога да се побара помош

Депресивните промени во расположението кои се повторуваат од година во година бараат посериозен психотерапевтски третман. Не е срамно паѓањето. На крајот на краиштата,  вежбањето на секој спорт започнува со усвојување на вежби за паѓање. Важно е да станете по паѓањето, сами, со помош на семејството, пријателите и/или психотерапевт. Ако сте депресивни, не си поставувајте премногу високи цели, одете чекор по чекор, на почетокот на секој ден направете нешто добро за себе. Можеби е мал чекор за човештвото, но важно е да биде голем чекор за вас.

Што кажува доживувањето на празниците за вас

На празниците најмногу им се радуваат оптимистите, децата и возрасните кои го „чуваат детето во себе“. Емоционално исполнетите луѓе можат да направат се. За нив среќата трае, празниците се можност за уживање во заедничките моменти, нежност и одмор. За нив чашата е половина полна, додека за песимистите е полупразна, првите мислат и во најтешките моменти „кој знае зошто е добро ова“, додека вторите, дури и во моментите на најголема среќа, се грижат за неизвесната иднина.

Личното доживување  на самиот себе и животот најдобро се гледа во начинот на кој луѓето ги доживуваат празниците. Оние кои научиле важна животна лекција за уживањето во ситниците, нема да очајуваат поради моменталната послаба финансиска состојба или другите непријатности. Знаат дека уживаат и со тоа ги  „полнат батериите“ за периодот што следи, го земаат најдоброто и кризата ја доживуваат како предизвик.

Радоста поврзана со празниците е главно надградба на начинот на кој сме се однесувале кон нив во детството, иако не треба да се занемари ниту улогата на темпераментот. Родителите создаваат топла семејна атмосфера, ја чуваат традицијата на подарување и добри желби, што неповратно ја всадува кај децата навиката за уживање во празниците. Сепак, тоа не значи дека задоволството од славењето во семејството што тие го создале не можат да го доживеат оние на кои во детството им недостасувало. Важно е да донесат одлука и да постапат соодветно, а со текот на времето, новите, попозитивни спомени ќе ги заменат старите.

Одлуки за промена на начинот на кој размислуваме

Ако некој е песимист со години, не значи дека ќе биде песимист засекогаш. Секогаш има аспекти на ситуацијата на кои може да се гледа со одредена доза на ведрина. Важно е да се преземе одговорност за сопствениот избор, да се донесе одлука за промена на начинот на размислување, бидејќи претходниот начин не ни донел задоволство.

Оптимизмот се учи

Чувствата не се предизвикани од самите настани, туку од личната интерпретација на тие настани и таа интерпретација е предмет на промена. Потребен е дополнителен напор, но секој таков напор во одреден момент ќе се исплати. Тоа може да се научи по модел, пример, од некој што е добар во тоа, психотерапевт, деца. Децата се многу искрени во своите искуства, за нив времето не постои, не се грижат колку долго ќе трае некое убаво искуство, во него едноставно уживаат.

Психологот Мартин Селиџман, ја опишува таканаречената научена беспомошност како состојба во која суштеството е научено да се однесува беспомошно дури и кога му се дава можност да си помогне себеси или да избегне непријатност. Според оваа теорија, депресијата, вклучувајќи ја и празничната депресија, е предизвикана од субјективно чувство на недостаток на контрола врз исходот. Ваквиот систем во почетокот тешко се менува поради таканаречената секундарна добивка, личноста постигнува привремено олеснување поради стекнување на симпатии од околината, како и избегнување ситуации од кои се плаши.

Локуси на контрола и исполнување  на целите

Луѓето се одликуваат со т.н локус на контрола, кој се однесува на тоа, како тие перцепираат кој е одговорен за тоа што се случува во нивните животи. Луѓето со претежно надворешен локус на контрола веруваат дека не можат многу да променат, судбината е однапред напишана, за својот неуспех ги обвинуваат другите луѓе. Се карактеризираат со претежно пасивен пристап кон решавање на проблемите и се многу инертни. Тие не ги очекуваат празниците бидејќи не гледаат смисла во правењето списоци со желби и планови. За разлика од нив, оние со внатрешен локус на контрола имаат проактивен пристап, веруваат дека се создавачи на сопствената среќа, дека е важно да се истрајни во остварувањето на целите што ги поставиле како водечки. Исто така, пожелно е да се биде главно умерен во она што се посакува, поради можноста за неуспех, бидејќи исклучителното постоење на внатрешен локус на контрола може да доведе до огромно чувство на вина и самообвинување. Затоа е најважно да се процени ситуацијата што е можно пореално, да се усогласат способностите и променливите аспекти на ситуацијата.

За разлика од нереалниот оптимизам, кој води до потценување на ситуацијата и преценување на сопствените капацитети, каде како резултат се доаѓа до лажен спокој, умерениот оптимизам се покажал како најефикасен. Умерените оптимисти, откако ја анализираат ситуацијата, преземат акција со верба во себе, истрајни се во остварувањето на реално поставените цели и се фокусираат на аспекти од проблемот кои можат да се променат. Тие во себе наоѓаат сила да дејствуваат врз она што може да се промени, трпение да издржат ситуација што не можат да ја променат и мудрост да направат разлика помеѓу двете.

Листи на приоритети

Многумина прават новогодишна листа со желби за да им помогне да се фокусираат на нивните приоритети. Ако, на пример, приоритет е да се најде вистинската љубов, треба да се преиспитаат начините на кои личноста досега избирала партнери, кои се причините за раскинување на врските и слично. Можеби ќе може да види заеднички образец во тие односи. Без разлика колку добронамерни се пријателите и членовите на семејството во нивните желби и „ги лекуваат раните“, тие често се многу пристрасни и ги гледаат работите само од една перспектива. Затоа е најдобро човекот да контактира со психолог, па преку разговори и поддршка да види некои нови аспекти од претходниот начин на живот. Стравот од промени е силен и треба трпеливо да се надмине. Животот е полн со изненадувања ако дозволите да се случат.

 

 

Емина Петкова – Психолог при канцеларијата за Бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка

Декември 2024

Оваа активност е дел од проектот „Јаки жени, ја јакнат заедницата III“ финансиски поддржан од фондација Kvinna Till Kvinna и Шведска.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен