Жените од с.Горобинци изминатите години беа дел од работилниците на ОЖОСВН каде научија за своите права и како истите да ги застапуваат пред локалните власти.
Како резултат на барањата на жените од с.Горобинци, во договор со месната заедница и со финансиска поддршка од ОЖОСВН, во центарот на с.Горобинци беа поставени клупи за седење и канта за отпадоци. Оваа локална акција придонесува кон поголема социјализација и дружење на жените и девојките, но и останатите жители на селото, а беше реална потреба на жените кои немаа соодветно катче за оваа намена.
За да ги промовираме локалните механизми за родова еднаквост на општина Свети Николе и да покажеме дека има кој да ги слушне потребите и проблемите на жените од руралните средини, во рамки на оваа активност на 26 септември, беше остварена средба со претседателката на Комисија за еднакви можности меѓу мажите и жените – Фросина Ѓорѓиева и координаторката за еднакви можности во општина Свети Николе – Ивана Димитрова. Тие ги запознаа жените со нивните надлежности во општината, а потоа ги ислушаа самите жени кои се нивни проблеми и потреби во с.Горобинци и разговараа како би можело да се реагира на истите проблеми.
Благодарност за отвореноста за соработка на жените од с.Горобинци и претседателката на КЕМ и координаторката за еднакви можности и се надеваме дека ваквите средби ќе станат пракса во иднина.
Оваа активност е потврда дека жените можат да прават промени во нивните локални заедници.
Оваа активност е дел од проектот „Јаки жени ја јакнат заедницата 2“ финансиски поддржан од Фондација Kvinna Till Kvinna, Шведска.