Во рамките на проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка“, од 01.12.2020 г. ОЖОСВН нуди бесплатна правна и психосоцијална помош и поддршка за маргинализирани лица и заедници преку ефективно спроведување на Законот за бесплатна правна помош. Во рамките на канцеларијата се ангажирани; адвокат, правен советник и психолог, со цел обезбедување на стручна помош онаму каде што е потребна.
Услугите на канцеларијата се обезбедуваат на начин кој гарантира остварување на следните начела:
– Високо ниво на стручност во обезбедувањето на примарна правна и психосоцијална помош и поддршка;
– Ориентираност кон правните потреби на барателите, доверливост и почитување на професионалните и етички стандарди;
– Сензитивност за посебните околности во кои се наоѓаат ранливите категории граѓани;
– Достапност на услугите за граѓаните од локалните заедници и економично користење на ресурсите;
– Отвореност и партнерски однос кон засегнатите страни и чинители во системот на бесплатна правна помош и
– Транспарентност и одговорност на здружението.
Услугите на примарна правна и психосоцијална помош и поддршка се обезбедуваат на недискриминаторски начин, со еднаков пристап за сите граѓани, без разлика на полот, родот, сексуалната ориентација, возраст, етничка, верска и политичка припадност, социјален и здравствен статус и др.
ОЖОСВН обезбедува сигурен, доверлив и флексибилен простор во кој на барателите им се обезбедуваат услугите, а ангажираните лица се родово сензибилизирани и доверливи во својата работа.
Лицата кои обезбедуваат бесплатна правна и психосоцијална помош и поддршка се должни сите лични податоци и информации до кои ќе дојдат при обезбедувањето на услугите да ги чуваат како тајна и да ги користат исклучиво за потребите на услугите.
За дополнителни информации можете да не’ контактирате на 032/444-620, womsvetinikole@yahoo.com или со порака на социјалните мрежи.
Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и Фондација Kvinna Till Kvinna, а финансиран од Европската Унија.