Во периодот од 10 март до 12 март 2025 година во Велес, се реализираше тренинг за интерпретација на податоци и затворање на процесот во рамки на активноста за градење на капацитети на локалните женски организации за застапување базирано на докази и поголема видливост на работата на локалните организации.
Овој тренинг беше втор во циклусот и имаше за цел да придонесе кон подобрување на капацитетите и ефективноста на локалните женски граѓански организации и организации за човекови права кои работат на територијата на Р.С. Македонија, преку застапување за политики засновани на докази, подигање на свеста за родово базирано насилство и создавање влијателни приказни за општествени промени.
На тренингот учествуваа 13 претставнички од 7 локални граѓански организации од општините: Свети Николе, Велес, Пехчево, Делчево, Битола, Прилеп и Кавадарци.
Учесничките на тренингот имаа можност низ учење, дружење, интеракција да се стекнат со знаења и вештини и да ги зајакнат своите капацитети во однос на подобра видливост на нивните резултати и успеси, како и да споделат свои знаења и искуства од пракса во секојдневната работа.
Тренингот започна со дискусија и оценка на целиот процес до сега, од првиот заеднички тренинг, менторскиот процес, заедничката иницијатива за промиени во Законот за локална самоуправа, недостатоци, но и применливи работи од целиот процес. Вториот ден беше посветен на практична работа. Секоја учесничка имаше можност да ја претстави организацијата од која доаѓа преку визуелно креиран продукт на проект, резултат или активност по нивен избор. Оваа сесија овозможи интерактивна размена на идеи и искуства, а воедно и можност за унапредување на дигиталните комуникациски вештини кај учесничките и користењ ена различни бесплатни платформи и алатки.
Во втората половина од денот, учесничките се запознаа со напредни техники и алатки за работа во Canva, како и со вештачката интелигенција и нејзината примена во нивната работа. Имавме можност да работиме со Gemini, ChatGPT и други алатки кои можат да помогнат во креирањето на содржини, анализа на податоци и автоматизирање на секојдневните задачи во организациите.
Третиот ден беше посветен на идентификување на можности за соработка и планирање на идни активности. Учесничките активно дискутираа за следните чекори кои треба да се преземат за подобрување на нивните програми и застапувачки иницијативи. Низ конструктивни разговори се дефинираа насоки за креирање на уште поголемо влијание во локалните заедници.
Овој тренинг е значаен чекор кон зајакнување на капацитетите на локалните женски граѓански организации. Преку практични примери, дигитални алатки и споделување на искуства, учесничките се стекнаа со нови вештини и знаења кои ќе им помогнат во нивната понатамошна работа.
Соработката и споделувањето искуства се клучни за градење на посилни и поефективни граѓански иницијативи. Се радуваме на идните заеднички активности и продолжуваме со напорите за создавање позитивни промени во општеството!
Овој тренинг е дел од проектот „Зајакни ја промената: Подобрување на застапувањето преку медиуми“ кој го спроведува Организација на жените на општина Свети Николе (ОЖОСВН). Проектот е поддржан од The Kvinna Till Kvinaa Foundation од Стокхолм, Шведска со финансиска поддршка од UK International Development.