Здравствената заштита е право, а не привилегија

Со цел, да ја запознаеме пошироката јавност со достапните права како пациенти, а воедно и да го обележиме крајот на месец Октомври- месец за борба против рак на дојка, ОЖОСВН на 31.10.2022 одржа трибина на тема „Здравствената заштита е право, а не привилегија“.

Трибината ја отвори претседателката на ОЖОСВН Даниела Панева, која најпрво ги информираше присутните за тековниот проект „Не си сам/а-канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка“, неговите цели, активности и очекувани резултати. Потоа, подетално ги воведе присутните во услугите кои ги нуди ОЖОСВН и можностите за добивање бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка.

Понатаму, трибината ја водеа правничките Елена Георгиевска и Душица Нофитоска од Македонско Здружение на млади правници, кои им ги презентираа на присутните основните права на пациенти, кои се должностите на здравствените установи, презентираа кои целни групи ги опфаќа за надоместоци за нега од друго лице, нега од туѓо лице, инвалидска пензија, право на причен надоместок за утврдено телесно оштетување, надоместок на плата и кои услови и документации се потребни да се поднесат за истите. Ги презентираа правните механизми при отежнат пристап до болничка терапија и за секоја од правните механизми објаснија на кој начин може да се пријави до надлежните институции.

На крајот на самата трибина учесничките имаа можност за интеракција со предавачките и поставуваа прашања и дискутираа во врска со нивните права како пациенти.

Оваа активност е дел од проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка 2“. Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и The Kvinna Till Kvinna Foundation, финансиран од Европската Унија а ко-финансиран од Шведска.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен