Жена за жена

Драги дами, нека е честит Празникот на жената, која не заслужува само ден, недела или месец, туку цела година чествување!

Осми март е посебен ден, ден кој се слави уште од далечната 1909 година во САД, кога за прв пат е одбележан Денот на жената. Ден кој е потсетник на жените во целиот свет да се борат за своите права и никогаш да не се откажуваат во борбата за еднаквост. А секој Осми март е и вечен спомен за две звучни имиња, Клара Цеткин и Роза Луксембург, жени-лавици, по потекло германки, кои ги поставиле темелите на меѓународното женско движење и понатамошните аспирации за економска, политичка и социјална еднаквост. Тие го сменија светот со својата борба за правата на жените. Знаете, таа посебна моќ на жените, кога со својата искрена љубов навистина можат да поместуваат планини, да врзуваат мостови… Тие можат вистински да го менуваат светот! Или како што револуционерката Цеткин вели: „Кога има желба, има начин!“ (најпознатото: „When there is a will, there is a way“). На ова само ќе се надоврзам со мојата мантра „Сѐ што сакаш е сѐ што можеш!“, и тоа е, доаѓаме до бесконечност, без граници.

Заедно сме сплотени под капата на феминизмот, кој не е за да не направи нас жените посилни. Жените се веќе силни, се работи за промена на начинот на којшто светот ја перципира таа силa.

Ретко ќе слушнете жената да каже не можам, најчесто ќе каже МОРАМ.  Зборот морам е карактеристика на една силна жена. Жена која од нејзината најдлабока женственост, мајчинство и човечност, ја буди таа неверојатна сила во себе и избира да се бори. Таа, мудрата жена учи додека е жива.

Денот на жената за мене е ден за мајка ми. Денот кога ја празнувам мојата лавица која ме научи следното: Не се надминуваат работите само преку ноќ и не се созрева за момент. Реалноста е дека процесот на растење е неуреден, понекогаш дури и грд. Понекогаш ми се чини дека сум направила повеќе чекори назад отколку што сум направила напред. Но, вистината е дека токму тоа е патеката до еволуцијата – нема поедноставен пат да се оди. Освен еден – оној каде владее женската солидарност, која прави чуда! Знајте дека кога жените ќе се здружат, се случуваат само извонредни работи.

Не можам доволно да ја акцентирам солидарноста и колку е важна уште кога сме најмали и најмлади. Кога нашите школски ни прераснале во другарки и некогаш ни биле поблиски и од фамилија. Овде во овие училишни клупи споделувавме најсреќни и најтажни моменти, но без завеса. Се мотивиравме меѓусебно, со компетативен дух, да ги оствариме своите желби и соништа, држејќи се за рака по патот. Така јас остварив еден детски сон – американскиот сон. И многу други после него.

Мора да бидете присутни, да знаете за можностите кои ги имате и мрежата за поддршка. И да не се плашите да прашувате и да пробувате бидејќи стравот е нашиот најголем непријател.

Јас стојам зад секоја од вас и се гледам себе си пред не толку одамна во вашите очи. Ја гледам истата искра, желбата да се промени светот! Не дозволувајте таа никогаш да згасне и негувајте ја кај соученичките, другарките, кај секого!

Бидете трпеливи со себе – ќе надминете, ќе созреете, ќе се издигнете и ќе бидете повеќе од што сте можеле да замислите. Во меѓувреме престанете да прашувате луѓе за насоки до места на коишто тие самите никогаш не ни биле. Помошта и патоказот барајте го во себе, во жената до вас, во онаа која го поминала патот и солидарно дејствува во понатамошните чекори.

За крај, не сакам да изгледа како само да ги опишувам жените. Нема доволно зборови за нив, но тие не се создадени за да се разберат, туку за да се сакаат. Никогаш не го заборавајте тоа. Пред тоа, дами, самољубовта е на пиедестал. Продолжете да се избирате себе си, одново и одново.

Ученички, ако некогаш се запрашувате како треба да изгледа една силна жена, одговорот е: „Токму како тебе. Ти, со својата убавина, ти, која гориш со самодоверба, амбиција и љубов!“

Текстот го напиша: Теодора Бошкова

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен