Активности на ОЖОСВН по повод 8 Март 2023

ОЖОСВН и оваа година организираше и беше дел од повеќе активности за одбележување на Меѓународниот ден на жената – 8 Март, за борба на жените за социјална, економска и политичка правда.

ОЖОСВН беше дел од маршот кој беше организиран од мрежа НИКА во Свети Николе. Традиционално се положи цвеќе на паднатите борки за слобода од Oпштина Свети Николе, а девојки од средното училиште носеа транспаренти со пораки за солидарност и еднаквост на жените. Свое обраќање пред присутните имаа: заменик претседавачката на локалната неформална мрежа НИКА, г-ѓа Билјана Ефтимова и Претседателката на Советот на општина Свети Николе, г-ѓа Валерија Ивановска, кои ја потенцираа потребата од континуирана борба за еднаквост, сложно делување и солидарност.

Претставнички од ОЖОСВН, учествуваа на панел дискусијата на тема: „Дигитално образование – приоритет за постигнување на родовата еднаквост“, организиран по иницијатива на сопругата на претседателот на Република Северна Македонија, г-а Елизабета Ѓоргиевска и во соработка со Женска граѓанска иницијатива – ЖГИ АНТИКО. Настанот се одржа на 8.3.2023 во 12:00 часот, во Мозаик салата при Кабинетот на претседателот на Македонија. На настанот беше презентирана потребата од дигитална писменост на различни нивоа, предизвиците и можностите кои ни ги нуди дигитализацијата, корисните, позитивните, но и негативни работи од неа. Присутните на настанот ги поздрави и Претседателот на државата со честитки за празникот.

Во поддршка на националната борба за правата на жените и како членка на Платформата за родова еднаквост, претставнички на ОЖОСВН беа дел од маршот „Ќе преживеат ли жените овде?“ во Скопје. Овој марш беше протестен одраз на случувањата во нашата земја и колективната негрижа кон жените и девојките во секој поглед: од растечките стапки на насилство, фемицидите, секојдневни социјални и здравствени неправди и економска несигурност, до високата сиромаштија која особено ги погодува жените. Овој, седми по ред, Марш за женски права започна пред Плоштад Филип II и продолжи до паркот „Жена Борец“, каде имаше завршни обраќања од феминистки и активисти за женски права до јавноста и институциите.

Борбата за социјална, економска и политичка рамноправност не се случува само на 8 Март, не застанува тука, таа е секојдневна, континуирана, заедничка. Колективниот активизам е она што ги поттикнува промените.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен