Меѓународниот ден на ненасилство се одбележува на роденденот на Махатма Ганди, водач на индиското движење за независност и пионер во филозофијата и стратегијата за ненасилство. Тој смета дека “Ненасилството е најголемата сила со која располага човештвото. Тоа е посилно од најсилното оружје за уништување осмислено од генијалноста на човекот.”
Според одлуката А/РЕС/61/271 на Генералното Cобрание од 15 јуни 2007 година, со која се воспостави комеморација, Меѓународниот ден е повод за „ширење на пораката за ненасилство, вклучително и преку едукација и јавна свест“. Одлуката ја потврдува „универзалната важност на принципот на ненасилство“ и желбата „да се обезбеди култура на мир, толеранција, разбирање и ненасилство“.
Ганди, кој помогна да се доведе Индија до независност, беше инспирација за ненасилни движења за граѓански права и социјални промени низ целиот свет. Во текот на својот живот, Ганди останал посветен на својата верба во ненасилство дури и под угнетувачки услови и пред навидум несовладливи предизвици.
Теоријата зад неговите постапки, која вклучуваше поттикнување на масовна граѓанска непослушност кон британското владеење, како и историскиот марш на солта во 1930 година, беше дека „праведни методи водат до праведни цели“; односно, ирационално е да се обиде да користи насилство за да се постигне мирно општество. Тој веруваше дека Индијците не смеат да користат насилство или омраза во нивната борба за ослободување од колонијализмот.
Дефиниција за ненасилство
Принципот на ненасилство – познат и како отпор без насилство – ја отфрла употребата на физичко насилство со цел да се постигнат општествени или политички промени. Честопати опишана како „политика на обичните луѓе“, оваа форма на социјална борба е усвоена од масовното население низ целиот свет во кампањи за социјална правда.
Професорот Џин Шарп, водечки научник за ненасилен отпор, во својата публикација „Политика на ненасилна акција“ ненасилството го дефинира како “Ненасилното дејствување е техника со која луѓето кои ја отфрлаат пасивноста и потчинетоста и кои сметаат дека борбата е од суштинско значење, можат да го водат својот конфликт без насилство. Ненасилната акција не е обид да се избегне или игнорира конфликтот. Тоа е еден одговор на проблемот како да дејствува ефикасно во политиката, особено како ефикасно да се користи моќта.“
Иако ненасилството често се користи како синоним за пацифизам, од средината на дваесеттиот век терминот ненасилство е усвоен од многу движења за социјални промени, кои не се фокусираат на спротивставување на војната.
Еден клучен принцип на теоријата за ненасилство е дека моќта на владетелите зависи од согласноста на населението и затоа ненасилството се обидува да ја поткопа таквата моќ преку повлекување согласност и соработка на населението.
Постојат три главни категории на дејствија без насилство:
• протест и убедување, вклучувајќи маршеви и бденија;
• несоработка, бојкот;
• ненасилна интервенција, како што се блокади и окупирања.
Култура на мир и ненасилство
Воспоставувањето култура на мир и одржлив развој се во срцето на мандатот на УНЕСКО. Обуката и истражувањето за одржлив развој се меѓу приоритетите, како и едукацијата за човекови права, вештините за мирни односи, доброто владеење, сеќавањето на Холокаустот, спречувањето конфликти и градењето мир.
УНЕСКО, од 1945 година, го промовираше правото на квалитетно образование и унапредување на науката и нејзините примени за развој на знаење и капацитет за економски и социјален напредок, основа на мирот и одржливиот развој. Неколку меѓународни проекти основани под покровителство на УНЕСКО имаат за цел да промовираат солидарност и мир на Блискиот Исток преку научна соработка. Познавањето на правата и слободите се смета за основна алатка за да се гарантира почитување на правата на сите. Работата на УНЕСКО во образованието за човекови права е водена од Светската програма за образование за човекови права. УНЕСКО е загрижен од порастот на расизмот, ксенофобијата и нетолеранцијата и смета дека образованието е од суштинско значење за зајакнување на темелите на толеранција, намалување на дискриминацијата и насилството.
„Се противам на насилството, затоа што кога изгледа дека прави добро, доброто е само привремено; злото кое го предизвикува е постојано.“ – Махатма Ганди
Текстот го подготви Ружица Сотировска, психолог во Канцеларијата за бесплатна БПП и ПСП.
Оваа објава е напишана и објавена како дел од проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка. Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и Фондација Kvinna till Kvinna, а финансиран од Европската Унија.