Најчеста предрасуда меѓу луѓето во нашата земја е дека поимите: „психолог“, „психијатар“ и „психотерапевт“ се всушност синоними, односно, дека се работи за еден ист вид занимање кое има различни називи, што не е точно.
Затоа, во овој текст ќе се обидеме на наједноставен начин да објасниме со што се занимаваат овие професионалци и во што се состојат основните разлики помеѓу наведените поими.
Психолозите и психијатрите имаат сосема различно образование – психолозите се професионалци кои завршиле студии по психологија, додека психијатрите се професионалци кои завршиле студии по медицина и потоа завршиле специјализација во областа на психијатријата. Значи, психијатрите се лекари, а психолозите не се.
Што работат психијатрите?
Психијатрите се лекари кои работат во медицински установи (или приватни специјалистички лекарски ординации), препишуваат лекови, поставуваат медицински дијагнози, задолжени се за лечење на пациенти со психички проблеми и др. Психијатрискиот пристап на лечењето се базира на медицински модел – пациентот прво доаѓа со соодветен упат во одредена установа, психијатарот обавува интервју со пациентот, со намера да прибере основни медицински и општи податоци за пациентот (анамнеза), кои му служат како основа за поставување дијагноза (одредување на видовите нарушувања), на чија основа понатаму препишува одредена врста фармакотерапија (лекови) и донесува одлуки во врска со лечењето (домашно лечење, лечење во дневна болница, задржување на одделението итн).
Што работат психолозите?
За разлика од психијатрите, психолозите не се лекари и нивниот пристап во третманот со психички проблеми не е медицински. Многу психолози се вработени и работат во медицински установи, во склоп на стручни тимови (заедно со психијатри, педијатри, лекари од општа пракса, социјални работници и др.), но и во други, немедицински установи во кои можат да пружат психолошка помош (како на пример: училишта, градинки, претпријатија, државни и приватни психолошки советувалишта, центар за социјална работа, невладини организации и др.). Во својата работа, психолозите не поставуваат медицински дијагнози и не препишуваат лекови, туку исклучиво се занимаваат со спроведување на психолошки третман, што вклучува интервју со клиентите, психолошко тестирање, психолошко советување, пружање психо-социјална поддршка и примена на различни психолошки техники.
Кои професионалци се психотерапевти?
Психотерапевти можат да бидат и психолозите и психијатрите и најчесто се тие, но, можат да бидат и професионалци од други области од општествените науки (педагози, андрагози, дефектолози и др.) кои, покрај своето основно образование (дипломата од соодветниот факултет), завршиле и некоја од специјалистичките едукации за некој вид психотерапија (психоанализа, гешталт психотерапија, когнитивно-бихевиорална, трансакциона анализа и др.). Овие тераписки школи потекнуваат од различни филозофски толкувања на човековата природа, па според тоа, психотерапевтите од различни психотераписки ориентации можат да имаат различни техники во психотерапевтската работа. Некои психотерапевти користат и т.н. интегративен пристап, односно користат методи и техники од различни психотераписки школи. Меѓутоа, најважно од сé е психотерапевтот да биде некој кој ви одговара, на кого му верувате, кој умее да ве слуша, способен е да ве разбере, да ви пружи поддршка и никогаш не ве осудува, бидејќи тоа е клучно за воспоставување на добар тераписки однос и напредок во тераписката работа. Тоа значи дека не се сите психолози и психијатри воедно и психотерапевти, туку тоа се само оние кои завршиле одредена едукација. Психотерапијата претставува еден вид психолошки третман, чија основна цел е пружање психолошка помош на луѓето кои имаат некои психички проблеми, кои поминуваат низ некој вид животна криза, имаат различни видови емоционални проблеми, проблеми во комуникацијата или само сакаат да го унапредат своето ментално здравје, да го поттикнат личниот раст и развој, да ја развијат креативноста, да дознаат нешто повеќе за себе и да го подобрат квалитетот на животот.
Во нашата земја не постои посебно и официјално занимање (дејност) психотерапевт, за разлика од занимањата психолог и психијатар.
Значи, ни психилозите, ни психијатрите, а ни психотерапевтите не се никакви волшебници кои имаат некои натприродни моќи, тие не ја претскажуваат судбината и не читаат мисли, туку во својата работа користат исклучиво проверени психолошки техники и методи, односно психијатриски, со кои им се помага на луѓето да ги пребродат, разберат, решат и контролираат своите проблеми и да го унапредат своето психолошко функционирање. Нема ништо страшно во тоа да се разговара со психолог, на секого од нас му е потребно да биде слушнат од трета страна, која ќе му понуди безрезервно прифаќање и поддршка, во пријатна и доверлива средина.
Во канцеларијата на Организација на жените на општина Свети Николе, нудиме бесплатна психо-социјална поддршка, која ја пружа психолог.
Текстот го подготви Ружица Сотировска, психолог во Канцеларијата за бесплатна БПП и ПСП.
Оваа објава е напишана и објавена како дел од проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка. Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и Фондација Kvinna till Kvinna, а финансиран од Европската Унија.