Организација на жените на општина Свети НиколеОрганизација на жените на општина Свети НиколеОрганизација на жените на општина Свети Николе
+389 32 444 620
Свети Николе, Македонија

Светски ден за борба против трговија со луѓе

Светски ден за борба против трговија со луѓе се обележува на 30-ти јули секоја година.

Оваа година се обележува под слоганот „Гласот на жртвите го води патот“ и се користи хаштагот #EndHumanTrafficking. На тој начин, жртвите на трговија со луѓе се ставени во центарот на кампањата, што ја потенцира важноста од слушање и учење од жртвите на трговија со луѓе. Кампањата ги прикажува преживеаните како клучни актери во борбата против трговија со луѓе и се фокусира на важната улога која тие ја играат во воспоставување на ефективни мерки за превенција на ова кривично дело, идентификувајќи ги и спасувајќи ги жртвите, како и поддржувајќи ги во нивниот пат до рехабилитација.

Трговијата со луѓе е глобален проблем и е еден од најподмолните облици на криминал во светот, кој влијае на животот на милиони луѓе ширум светот и им го одзема достоинството. Според постоечките анализи на идентификуваните случаи од трговија со луѓе, потенцијални трговци со луѓе можат да бидат: партнери, членови на семејството, макроа, сопственици на јавни куќи, менаџери на салони за масажа, посредници во наоѓање работа, сопственици на фабрики и корпорации, банди, криминални мрежи и др. Широк спектар на криминалци, вклучувајќи макроа поединци, семејни организации, мали фирми, криминални мрежи и интернационални криминални организации, исто така можат да бидат трговци со луѓе. Жртви на трговија со луѓе можат да бидат жени, деца и мажи кои се присилени, излажани или наведени на проституција, како и на било кој друг облик на работа или услуга, како што се на пр. работници/чки држани во куќа или на фарма, присилени да работат против своја волја.

Според податоците од Обединетите нации, околу 600 000 жени, деца и мажи секоја година се наоѓаат во ланец со трговија на луѓе.

Многу жртви на трговија со луѓе се соочиле со неинформираност и незнаење при нивните обиди да се извлечат од ситуацијата и да побараат помош. Жртвите доживуваат лоши трауматски искуства по излез од лавиринтот и бараат помош откако ќе бидат спасени, а посебно им е трауматично за време на испитувањата за идентификација и законски постапки од страна на органите. Многу присутна е и секундарната виктимизација (обвинување на жртвите од страна на кривичните правосудни органи после примениот извештај за настанатата виктимизација) и казна за криминалното дело коешто биле присилени да го извршат од страна на трговците со луѓе. Дополнително, жртвите многу често се подложни на стигматизација и/или примале несоодветната поддршка.

Зошто жртвите на трговија со луѓе не побегнат и не побараат помош?

Самите жртви често не се свесни дека се жртви, сметаат дека сами се криви за сé што им се случило, чувствуваат голем срам заради работата со која мораат да се занимаваат и не знаат дека можат да побараат помош. Често, во странска земја, со илегален статус на престојување и без лични документи (одземање на пасош), без знаење на јазикот и без социјални мрежи кои би им помогнале, жртвите не гледаат друга можност, туку да му веруваат на трговецот кој ги уверил дека им нема помош, дека полицијата е корумпирана и да не се обидуваат да бегаат, а многу често се злоставувани и добиваат закани по нивниот живот и животот на нивните блиски.

Борбата со трговијата со луѓе изгледа како борба со ветерници, но сепак постојат некои проверени начини со кои може да се превенира влегувањето во овој лавиринт.

  • Пред да прифатите некоја работа или да се впуштите во некој примамлив договор добро истражете за што станува збор и проверете ja добро личноста или фирмата кој/а ви нуди ангажман;
  • Приклучи се кон социјални мрежи и канали кои споделуваат ажурирани извори за превенција на трговија со луѓе, сподели слика од исчезната личност, научи како да ги забележуваш знаците на сексуална експлоатација, прочитај книга за превенција на трговија со луѓе, претплати се на подкаст или YouTube канал чиј фокус е на трговијата со луѓе и многу други активности кои може да те заштитат тебе и другите околу тебе од трговија со луѓе;
  • Поддржи непрофитен бизнис/организација кој/а помага во превенција на трговија со луѓе, Научи начини на кои можеш да се заштитиш себе и останатите и волонтирај (како на пример во здружение на граѓани) за да ја подигнеш свеста за превенцијата, донирај или креирај кампањи за превенција на трговија со луѓе итн.

Борбата против трговијата со луѓе не е одговорност само на органите на власта. Секој може да помогне во решавање на ова злосторство, така што ќе се покрене лавина од мали, но значајни акции кои пружаат надеж и помош.

Постојат многу начини како можеш да помогнеш, а некои од нив се:

  • Пружи поддршка Придружи се на меѓународната #igivehope кампања на социјалните мрежи и илјадниците други во покажувањето солидарност со жртвите за трговија со луѓе.
  • Биди внимателен/на Ако забележиш нешто, кое според твоето мислење може да биде во врска со трговија со луѓе, можеш да го пријавиш на бесплатниот СОС број 0800 11 111, за повици од Македонија или на СОС телефонската линија, со број +389 22 77 7070, за повици од странство, како и на овој линк http://redbutton.mvr.gov.mk/prijavi.aspx. Тоа може да се однесува на околности на вашето работно место или во приватниот живот – жртвата може да биде искористена на многу начини. Ако не си сигурен/на, подобро е да погрешиш и секако да пријавиш, отколку да дозволиш жртвите да останат во ропство. Ова важи и за тебе! Ако се сомневаш дека условите за работа кои ти се нудат или било кои околности те потсетуваат на трговија со луѓе, повикај ја линијата против трговија со луѓе којашто може да ти помогне.
  • Приклучи се Информирај се за тоа што е направено досега во твоето опкружување, види што можеш да направиш како би ги орхабрил/а блиските луѓе и познаниците да станат свесни за трговијата со луѓе. Ова е проблем кој нé засега сите нас.
  • Волонтирај Приклучи се активно преку волонтерска работа, која овозможува занимавање со општествено-корисна работа низ активно учество во решавање на проблемите на загрозените групи, во менување и подобрување на локалната заедница и општеството.
  • Информирај се Ова е сериозен општествен проблем, кој бара континуирано внимание од широката јавност и само со постојано информирање, ќе можеме заеднички да застанеме на пат на модерното ропство кое претставува срамота за современото општество.
  • Биди одговорен/на Биди сигурен/на дека твојот избор и активност како потрошувач се етички. Можеш да се обврзеш да не купуваш роба и да не користиш услуги кои можат да бидат поврзани директно или индиректно со сексуална експлоатација, принудна работа или други облици на експлоатација.

 

Секако дека сам/а не можеш да решиш еден ваков глобален проблем, но секако можеш да допринесеш барем малку во негово решавање. Запомни, со секоја акција која ја преземаш за да превенираш една личност да биде жртва на трговија со луѓе, допринесуваш многу.

Можеби не можеш да промениш сé, но на некоја личност можеш да ѝ го промениш целиот живот на подобро.

 

Доколку имаш потреба да се консултираш или да разговораш со стручно лице во однос на оваа тема, слободно обрати се во Канцеларијата за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка која работи во склоп на ОЖОСВН. Закажи средба со психолог телефонски, на 032/444-620, испрати електронска порака на womsvetinikole@yahoo.com, контактирај ја Организацијата на facebook: www.facebook.com/womsvetinikole или Instagram (@ozo_svnikole) или, пак, едноставно, дојди во просториите на ОЖОСВН која се наоѓа во центарот на Свети Николе, во зградата на булеварот, на адреса „Ленинова“ 1-1/4.

Не заборавај: НЕ СИ САМ/А!!!

 

Текстот го подготви Ружица Сотировска, психолог во Канцеларијата за бесплатна БПП и ПСП.

Оваа објава е напишана и објавена како дел од проектот „Не си сам/а – канцеларија за бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка. Проектот е регрантиран од Коалиција Маргини и Фондација Kvinna till Kvinna, а финансиран од Европската Унија.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен