Реализирана иницијатива покрената од жените во с.Иванковци

Жените од с.Иванковци изминатите години беа дел од работилниците на ОЖОСВН каде научија за своите права и како истите да ги застапуваат пред локалните власти.

Како резултат на иницијативноста на жените од с.Иванковци на 18 октомври 2022г. се реализираше локална акција, каде беа поставени клупи за седење кај детско игралиште во центарот на селото. Оваа иницијатива беше реализирана со финансиска поддршка на проектот „Јаки жени ја јакнат заедницата 2“ кој го реализира ОЖОСВН, а со цел да покажеме дека со мали чекори и иницијативи можеме да градиме подобри услови за живеење во руралните средини, но и да покажеме дека потребите на жените треба да бидат слушнати и да се изнајдат начини да бидат имплементирани во пракса. Оваа локална акција придонесува кон поголема социјализација и дружење на жените и девојките, но и останатите жители, а најмногу ќе користи за бабите и мајките кои секојдневно ги носат своите дечиња и внучиња на ова игралиште и сега ќе имаат простор за седење.

Во рамки на оваа активност, а со цел да ги промовираме локалните механизми за родова еднаквост на општина Велес, на самата акција присуствуваа координаторката за еднакви можности меѓу мажите и жените на општина Велес – Билјана Вељанова и нејзина заменичка – Родна Трајковска. Тие, остварија директна средба со жените од селото и ги запознаа со нивните надлежности во општината, а потоа ги ислушаа проблемите и потребите на присутните жени и разговараа кои се чекорите и како да се постапи кога сакаме да акцентираме некоја потреба или проблем. Исто така, тие изразија отвореност за комуникација и соработка и ги повикаа претставнички на жените од селото да закажат состанок и да дојдат во општина Велес.

Благодарност за отвореноста за соработка на жените од с.Иванковци, координаторката за еднакви можности и нејзината заменичка и се надеваме дека ваквите средби ќе станат пракса во иднина, а барем дел од искажаните проблеми и приоритети на жените ќе се најдат во некоја од програмите на општина Велес за наредната 2023 година.

Оваа активност е потврда дека жените можат да прават промени во нивните локални заедници.

Оваа активност е дел од проектот „Јаки жени ја јакнат заедницата 2“ финансиски поддржан од Фондација Kvinna Till Kvinna, Шведска.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен