На 06.08.2024 во малата сала на Општина Свети Николе се одржа работилница на тема „Смејте се за здравје“ наменета за членките на групата за самопомош на жени заболени и лекувани од малигни болести. На оваа работилница се дискутираше за длабоките ефекти на смеата врз нашето целокупно здравје и благосостојба, како и за повеќеслојната улога што ја игра смеата во подобрувањето на физичката, менталната и емоционалната благосостојба.
Се зборуваше за смеата како здравствена алатка и доказите кои нагласуваат како смеата влијае на различни аспекти на здравјето и ги вклучува нејзините ефекти врз кардиоваскуларното здравје, имунолошката функција, перцепцијата на болката и намалувањето на стресот.
Психолошките придобивки од смеата придонесуваат за менталното здравје преку намалување на симптомите на анксиозност и депресија, подобрување на расположението и поттикнување на издржливост.
На социјално и емоционално ниво, смеењето влијае така што ги зајакнува социјалните врски, ги подобрува односите и придонесува за чувство на заедница и припадност.
Оваа работилницата ја водеше психологот Емина Петкова.
Смеењето е најдобриот лек за душата и телото!
Кога се смееме, го намалуваме стресот, ја подобруваме циркулацијата и го зајакнуваме имунолошкиот систем. Затоа, насмевнете се често и споделете го позитивниот дух со другите за подобро здравје и благосостојба.
Оваа активност е дел од проектот „Заедно да превенираме и се бориме против ракот на дојка-2024“, финансиски поддржан од Локална самоуправа на општина Свети Николе.