Психичката страна на „Ковид-19“

На 06 октомври 2020 година, со почеток во 18.30 часот, ОЖОСВН реализираше работилница за психичката страна на пандемијата од вирусот „Ковид-19“, наменета за членките од групата за самопомош на жени заболени и лекувани од малигни заболувања. Работилницата се спроведе со почитување на ситe мерки и протоколи за заштита и на истата присуствуваа 13 жени, а беше водена од едукаторката – психолог Емина Петкова.

Целта на оваа работилница беше присутните да се запознаат со тоа како пандемијата влијае врз психичкото здравје на поединецот и на кој начин тоа може да се превенира и подобри и да не доведе до некои посериозни последици. Ако единката имала историја на претходни кризи, стресови и психијатриски нарушувања, таа ќе биде далеку поранлива и помалку отпорна во реакциите кон стрес-факторите. Оддалечувањето и свртувањето на човекот кон самиот себе, во најголема мера значи и свртеност кон сопственото его и интензивно доживување на лична несреќа, затоа што човекот е социјално суштество, па дури и неговиот имунитет се гради во оптимални психо-социјални услови со другите луѓе. Делење милосрдие, сомилост, сочувствителност, помош на другите, верба во другите – сето ова е од особена важност.

Чувството на безизлесност, панични напади, анксиозност, депресија, соочување со непознатото, во некој момент можат да допрат до секого, особено во период на пандемија и постојани мерки и ограничувања. Затоа, да се свртиш кон себе си и да работиш на своето ментално и физичко здравје не е слабост или себичност туку е грижа за себе си, за своите блиски и сакани луѓе, за заедницата.

Пронајди нешто што те исполнува, нешто што ќе те окупира, нешто што ќе те релаксира, нешто што ќе те инспирира.

Добра книга, долга прошетка во природа, креативна работа, спорт и рекреација, готвење, грижење за градината, домот, учење нови вештини, одгледување цвеќе, пронаоѓање ново хоби, истражување и запознавање на себе си, на природата, на опкружувањето, забавни и интересни серии, филмови, друштвени игри… се само дел од начините како да влијаете на одржување на сопственото психо-физичко здравје.

 

Оваа работилница е дел од активностите во рамки на проектот „Заедно во борба против ракот на дојка“, финансиски поддржан од Општина Свети Николе.

 

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен