Организација на жените на општина Свети Николе во периодот од 09 до 11.11.2023 година одржа работилница чија цел беше подготовка на Стратешки план кој ќе го обликува нашиот начин на делување за следните четири години. Учесници на работилницата беа претставници од членови, корисници, волонтери, различни тела и органи на ОЖОСВН, што го покажува партиципативниот пристап на креирање и донесување одлуки.На работилницата прво се направи оценка на успесите, постигнувањата, предизвиците во реализацијата на постоечкиот Стратешки план. Потоа се согледа моменталниот контекст во кој делува ОЖОСВН, потребите на целните групи, организациските јаки и слаби страни, но и можностите и заканите кои ни претстојат.
Дискусиите понатаму беа насочени околу клучните прашања кои се во делокруг на делување на ОЖОСВН како што се: подобра здравствена заштита на населението, поддршка на жените заболени од рак, почитување и унапредување на човековите права со акцент на правата на жените и поттикнување младински активизам и вклученост. Исто така, посебно внимание се посвети на подобрување на организациската ефикасност, перспективи за развој и соработка, како и одржливост.
Овие дискусии се клучни за нашата работа и ОЖОСВН останува посветена и во наредниот четиригодишен период во својата мисија за подобар квалитет на животот на граѓаните и граѓанките и почитување на човековите права со акцент на правата на жените и девојките!
Иако овие дискусии ги поставија темелите, процесот на финализирање на Стратешкиот план сè уште е во тек. Ние активно работиме во изработување на финалната верзија на оваа стратегија, обезбедувајќи нејзино усогласување со визијата, мисијата и целите на делување на ОЖОСВН.
Оваа активност е дел од оперативниот грант на ОЖОСВН од програмата СМАРТ Балкан – Граѓанското општество за поврзан Западен Балкан, кој е имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институтот за демократија и медијација (ИДМ), финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.