Најверојатно сте биле во можност да запознаете некој за кого сметате дека е нарцис, (во овој момент има луѓе кои се речиси зависни од темата нарцизам), дека некои особини и постапки на лицата околу вас ве зачудиле, дури вчудоневиделе и се прашувате околу нормалноста и отстапувањето од нea.
– Во грчката митологија, Нарцис бил син на бог и нимфа. Родителите, заинтересирани за должината на животот на својот син, прашале пророк кој им одговорил дека момчето ќе живее долго, но само ако никогаш не го види својот лик. Момчето било познато по својата извонредна убавина, но и гордост и студенило на срцето, со презир кон сета љубов. Еден ден, додека шетал во шумата, убавата нимфа Ехо го видела и се вљубила. Меѓутоа, тој ја одбил и ја оставил со скршено срце. Таа се повлекла во самотија, овенувајќи од копнежот за невозвратената љубов, додека не и останал само гласот. Затоа денес го именуваме со ехо, одразот, повторувањето на гласот. Божицата на одмаздата, го казнила младиот Нарцис, за ова. Еден ден, кога Нарцис отишол до изворот да ја задоволи својата жед, уморен од лов, ја видел својата слика во чистата вода и бил маѓепсан од својата огромна убавина. Се вљубил во сопствениот одраз, сакајќи го она што му било недостижно. Не можел да се одвои од него, но ниту да ја реализира својата љубов, па умрел во копнеж и страдање. Сожалувајќи го, Афродита го претворила мртвото тело на младиот човек во цвет нарцис како потсетник за она што се случило.
Нарцизам е појава која се карактеризира со претерано високо мислење на личноста за себе, екстремно самоуважување, прекумерна потреба за моќ успех и восхит. Нарцисите имаат тенденција секогаш да го превземаат водството, а се преосетливи на критики. Веруваат дека се супериорни во однос на другите по изглед, интелигенција и важност. Во постојан копнеж се за восхитување и бараат посебен третман од другите. Научниците се повеќе истакнуваат дека не сите нарциси се исти. Тие разграничуваат два вида нарцизам. Еден е препознатливиот, грандиозен нарцизам, кој се карактеризира со екстровертност, доминација, барање на внимание и моќ. Овој тип понекогаш може да се забележи кај политичари, познати влијателни личности или културни лидери кои предизвикуваат промени и привлекуваат луѓе. Не треба да се изостави дека понекогаш ова влијание може да го помогне подобрувањето на животот на другите преку одредени социјални движења. Вторите, ранливите нарциси често се тивки, резервирани, невротични и видно несигурни. Тие обично имаат ниско мислење за себе, се премногу чувствителни и често се чувствуваат вознемирени или депресивни. Но, исто така, се со силно чувство на грандиозност, кое навидум е скриено зад екстремната срамежливост и повлеченост. Во вториот случај нарцистичноста лесно пробива пред нереалното чувствуво на загрозеност, бидејќи лицето бара потврда и одобрение однадвор за да компензира за недостатокот на внатрешна самодоверба. Заедничко и на двата типа им се дека се себични, мислат дека заслужуваат посебен третман и привилегии и имаат проблем да воспостават здрави меѓучовечки односи.
Нарцисоидно растројство на личноста (НПД) – е најекстремната форма на нарцисоидност. Може да се сретне кај 1-2 а некаде и кај 6 % од населението. Почеста е кај мажите. Луѓето со НПД ги покажуваат истите основни особини како нарцисите, но во многу поголем степен и тоа предизвикува значителни проблеми во нивните животи и околина. На пример, таквата личност му дава приоритет на восхитот што треба да го добие од брачниот другар и децата наместо на грижата за нив, или отфрла каков било повратен одговор како погрешен, дури и ако е конструктивен, без да го разледа.
Важно е да се истакне дека за да биде дијагностицирано нарцисоидно растројство на личноста (НПД), лицето мора да покаже грандиозност и недостаток на емпатија, која што се манифестира со најмалку пет од следните особини:
– има грандиозно чувство за себе и си ги преувеличува достигнувањата и талентите;
– мечтае за неограничена моќ, успех, убавина, љубов;
– уверен е дека тој или таа е посебен/а и единствен/а и треба да се дружи само со личности со висок статус;
– бара постојано и прекумерно восхитување;
– неразумно очекува посебен, поволен третман;
– ги искористува другите за да ги постигне своите лични цели;
– нема емпатија за чувствата и потребите на другите;
– им завидува на другите или е убеден дека тие му завидуваат нему или нејзе;
– има арогантно однесување или ставови.
Постојат и т.н. „Малигни” нарциси кои се најпогубниот и најнепријателскиот тип. Тие пројавуваат антисоцијално однесување и можат да превземат сурови и одмазднички активности кога ќе се почувствуваат загрозени или нема да го добијат посакуваното.
Кога ќе погледнеме кои се се карактеристиките на нарцисоидното растројство на личноста, јасно е зошто приказната станува комплицирана и јасно е дека за проценка е потребен експерт. Потребни се психолошки тестови, лична средба со личноста и спроведено интервју за да се постави дијагноза. Нарушувањата на личноста, како што е нарцисоидното растројство на личноста, обично се дијагностицираат од специјалист за ментално здравје, психијатар или психолог. Иако се чини дека ова нарушување е во пораст, и можеме да најдеме доволно причини за да ја поддржиме оваа теза, тоа не значи дека секој кој кон нас се однесува со малку повеќе ароганција автоматски е нарцис.
Исто така, треба да се истакне дека карактеристиките што го карактеризираат ова нарушување често се високо ценети од општеството, односно пожелно е да имате некои од овие карактеристики во одредени сфери, бидејќи тоа може да ви донесе различни придобивки, моќ, постигнување. Поради оваа причина, многу луѓе имаат тенденција да се претставуваат како да ги поседуваат. За жал, останува сериозен проблемот за нив, бидејќи ако станеме она што не сме на долг рок, ја губиме нашата автентичност, а тоа најверојатно ќе доведе до нарушување на менталното здравје и благосостојба и животот ќе ни стане многу површен.
Митот за Нарцис нè предупредува на опасностите од прекумерното самољубие, самообземеноста и недостатокот на сочувство кон другите. Долгорочно ефектите на нарцизмот се катастрофални по индивидуата и заедницата. Нивната себичност, доведува до неетичко однесување во професионалниот и личниот живот. Во односите, постојано се нечесни и неверни, давајќи им приоритет на сопствените потреби наместо на заедничкиот живот и хармонија. Едноставно, се вреднуваат себеси и своите потреби повеќе од сите други. Кога нивната надуена слика за себе е загрозена, тие стануваат огорчени и агресивни. Ова може да создаде токсичен круг и во лични и во професионални услови и при тоа нарцистот да ги оттурне луѓето по чиј восхит копнее.
Многу е важно самиот концепт на нарцизам да се гледа низ континуум. Да појдеме од здрав нарцизам, грижа за себе и себељубие, јасна слика за себе која ја манифестираме преку нашата самодоверба и да стенеме свесни дека секој од нас може да поседува некои од нарцисоидните особини во поголема или помала мера. Колку тие особини ќе бидат поизразени и повеќе ќе ги има кај некого, толку тој ќе биде поблизок до поимот нарцисоиден, а со тоа и „потоксичен”, потежок човек. На крајот од тој континуум е Нарцисоидно растројство на личноста
Што го предизвикува нарцизмот? Дали врз него влијае травматичното детство/искуство?
Точната причина е непозната, но истражувањата сугерираат дека комбинацијата на генетика и животната средина игра улога. Се смета дека причината мора да се бара во целата животна историја на личноста, во комбинација на биолошки и генетски фактори, потоа социјални (начинот на кој личноста во раното детство ги воспоставувала своите први односи со родителите и другите) и психолошки (темперамент обликуван од средината во која личноста пораснала, како и научените механизми). Идејата е дека нарцизмот е всушност одбранбен механизам кој настанал во детството, но тој одбранбен механизам е крут, нефлексибилен и неприлагодлив. Науката вели дека НПД е адаптација на околностите и стратегија за преживување и како таква е многу пожелна во одредени околности. Лицата на рана возраст донеле одлука дека за преживување е подобро да се биде насилник отколку жртва. Сепак, само еден фактор не е доволен за појава на нарушувања, туку сложено, испреплетено дејство на различни фактори.
Тешко е да сочувствуваме со нарцисите, особено кога сме нивни жртви. Доволно е да знаеме дека тие не избрале да бидат такви, туку дека нивниот емотивен развој е оштетен, често поради погрешно, рано родителство. Некои веруваат дека причината лежи во екстремната блискост со мајката, други во родителската грубост или критичност. Прекумерните пофалби од родителите може да поттикнат грандиозен нарцизам, а студените или контролирачки родители може да доведат до ранлив нарцизам.
Социјалните медиуми можеби не предизвикуваат нарцизам, но обезбедуваат совршена платформа за себепромоција и барање внимание, што потенцијално ги влошува нарцисоидните тенденции. Нарцисоидните тенденции на современиот човек добиваат нова физичка форма закотвена во информациската и комуникациската мрежа кога во 2013 година се поставува зборот “селфи” на јазичниот пиедестал на Оксфордскиот речник (овој збор е избран за меѓународен збор на годината затоа што неговата употреба 2012 година пораснала за 17 илјади пати и бил најпребаруваниот збор на нивната веб страница). Ова ја раѓа културата на селфи, или културата на автопортрети со желба за себепромоција и величање на уникатноста и посебноста на секој поединец. Глорификацијата на себството произлегува од потребата да се прикрие кревкиот идентитет, безвредноста, вознемиреноста и чувствата на неавтентичност, додека смислата на постоењето е водена од потрагата по и потребата за другите.
Емина Петкова – Психолог при канцеларијата за Бесплатна правна помош и психо-социјална поддршка
Оваа активност е дел од проектот „Јаки жени, ја јакнат заедницата III“ финансиски поддржан од фондација Kvinna Till Kvinna и Шведска.