Сè уште е „жежок“ глобалниот скандал кој го сврте вниманието на заинтересираната јавност кога „kiss cam“, камерата што ги снима паровите за да ги натера да се бакнуваат на големото платно како забава на настани, го стави парот кој неoбично реагираше на вниманието на гледачите, а со тоа и предизвика огромни ефекти на интернет мрежите. Концертите се мигови на ослободување, без стеги, зони на огромна слобода на умот и телото, гласот. На снимката се гледа опуштен пар во емотивно топла прегратка кој на камерите, реагира како мало дете фатено со рака во кутија со слатки кои му се забранети. Потребата на „фатените“ да се сокријат изгледа неразумна, чудна, смешна. Како кога дете ги покрива очите со рацете и мисли дека станало невидливо. Парот предизвика љубопитност и молскавично стана мета на современ вирален „лов на вештерки” што им даде шанса на сите од другата страна, од страната на публиката, да покажат многу лажен морал покрај очекуваниот, вистинскиот.
Начинот на кој реагираше двојката, нивниот брачен и деловен статус, откриената прељуба што ја виде речиси целиот свет за рекордно време, отворија голем број прашања. Но, исто толку и ниски страсти, вистински и многу лажен морал.
Фаќањето на дело на прељубниците го запали итернетот и стана основа за забава на гледачите. Сето тоа благодарение на моќта на социјалните мрежи, дигиталните медиуми и интернет пожарот кој експлодираше во рок од само неколку часа. Првото видео веднаш стана вирално со повеќе од 30 милиони прегледи, корисниците брзо го идентификуваа парот и „ја започнаа забавата“. Љубопитните истражувачи откриваат дека „фатените“ се извршен директор на компанија за вештачка интелигенција и раководителка на човечки ресурси во истата фирма, кои во моментот на снимката бараат спротивно од внимание за себе на настанот. Стотици илјади духовити шеги, слики и имитации на ситуацијата, но и злонамерни коментари, видео клипови, налепници се разменуваа без престан. Интернетот „гореше“. Светот ги заборави, барем за кратко време, војните, трговијата со оружје, дрогата, мртвите деца, сиромаштијата, пожарите, вулканите, сушата.
Корисниците на интернет се забавуваа бескрајно добивајќи причина за критикување, морализирање, таргетирање, осудување, еден вид јавно камшикување за грев. Медиумите ги триеја рацете, кликовите и споделувањата се множеа. Многу модерни, „храбри” гладијатори зад тастатурите, добија прилика за коментирање.
Под притисокот на откриената прељуба, мажот поднесе оставка во рок од три дена и ја напушти функцијата извршен директор, а компанијата започна внатрешна истрага. Жената е формално ставена на отсуство од компанијата. И двете лица исчезнуваат од LinkedIn. Како што се очекуваше, скршената, предадена сопруга, исто така, се придружи на драмата. Се појавија информации и за измамениот сопруг и неговата финансиска состојба („маж милионер не ѝ бил доволен…ц, ц, ц“).
Психолозите велат дека прељубата постои од почетокот на векот и дека е невозможно да се даде точна проценка, но дека веројатно нема голема разлика помеѓу жените и мажите во честотата на изневерувањето. Бракот како институција е во голема криза. Постои висок процент на парови кои доаѓаат на брачна психотерапија и по длабоко „пребарување“ низ лавиринтите на проблематичните врски, тие стигнуваат до прељубата како скриена причина. Има парови кои се соочуваат со неа и продолжуваат со неизвесен исход. Но, има и многумина кои во „еден на еден“ разговор со терапевт признаваат дека имало прељуба, дури и дека таа продолжува, но не сакаат нивниот сопружник да знае за тоа. Тие продолжуваат со привидот на функционален живот поради децата, финансиите, удобноста или некоја друга причина. Не можеме да ја оспориме улогата на модерното време во кое сопружниците не поминуваат доволно квалитетно време заедно. Тие се преоптоварени од обврски, стрес на работа. Исто така, постојат разни искушенија на работа бидејќи луѓето поминуваат многу време меѓу оние кои ги разбираат, кои се слични на нив. Ова сигурно не е и не може да биде изговор за аферите на работа, кои се меѓу најчестите, но се и околност за проблеми во бракот поради предизвикувачката близина на „забранетото овошје“
Осудата и негирањето дека тоа не може да им се случи ним беа најчестата реакција на вклучените набљудувачи. Секако, во светот на неоспорни вредности и морални норми на кои сме научени од нашите родители, културата, верата, прељубата е ужасен чин што, пред сè, значи изневерена доверба. Тоа не е, не смее и не може да се негира ниту во животот ниту во овој текст. Затоа осудувањето на чинот на двајцата од Колдплеј, бидејќи она што го направиле е неморално би било сосема во ред. Но тука и треба да се застане.
Во остатоците на здравиот разум за настанот, останаа спорадичните предупредувања дека (не?)среќниот пар бил изложен на сајбер насилство од првиот момент на виралност, јавно дигитално распнување на столб на срам со милиони коментари од луѓе кои не знаат ништо за нив и нивните животи, целосно газење на приватноста и апсолутниот недостаток на емпатија што владее во модерната виртуелна култура. За жал, пред сè, таа култура ја цени виралноста на најбаналната содржина, коментарите без контрола и одговорност, лајковите и кликовите.
Дали зависта и осудувањето на настанот како реакција на настанот станаа наше огледало, а социјалните мрежи модерен „столб на срамот“?
Зошто љубовниците од Колдплеј нè „поттикнаа“ да се однесуваме на овој начин? Дали тоа е во човечката природа?
Постои една грда човечка особина, а тоа е да се фаќа „сеир“ на туѓата несреќа. Освен ова, овие луѓе се на високи функции и се богати и имаат статус кој не е „обичен“ па затоа не имуните на завист, лесно забораваат дека луѓето со различно ниво на образование и статус прават исти работи, погрешно.
Човек мора многу да работи на себе и на своето внатрешно битие за да не падне во тој образец на осудување. И колку е поостварен, поисполнет и помирен, толку помалку ќе има потреба да биде злорад, да се радува на нечија болка, каква и да е таа. Социјалните мрежи се модерниот „столб на срамот“ давајќи ни можност да судиме секому без никаква одговорност. Секој збор или коментар на социјалните медиуми може да се упати до секого. Но, треба да сме свесни дека кога судиме, таа пресуда кажува многу повеќе за нас, нашите фрустрации, нашите незадоволени желби, можеби дури и нашите фантазии, отколку за содржината што ја коментираме на социјалните мрежи. Овој настан сега е фантастичен пример кој го покажува тоа. Tолпата јавно го изложи парот на потсмев и злоупотреба.
Никој нема право никого да осудува. Не можеме да го копираме својот живот и искуства и да тврдиме дека секој треба да се однесува како нас, да го гледа светот низ нашите очи. Дека тоа е единствено правилно. Луѓето се различни, имаат различен начин на размислување, не пораснале во исти околности, не биле воспитани со ист сет вредности.
Симптоматично е, велат познавачите на човечката душа, што обично најстрашните коментари со осуда зборуваат за длабока фрустрација или доаѓаат од лица кои самите се или биле во такви врски. Кај нив се активира специфичен механизам во кој се обидуваат да се „покријат“, „оправдаат“, користејќи ги другите како објект и погодна мета за покажување со прст за никој да не се сомнева во нив. Тие дури и најмногу каменуваат. Тие се водачи во насилството. Бидејќи, всушност, како да се скрие, маскира она што го правиш кога знаеш дека не е правилно? Да се впери прстот кон некој друг, а потоа да се осуди на најгруб можен начини. Дури и ако само за кратко, стануваш јавно и гласно морален и некако се издигнуваш над нив, без оглед на тоа дали вистински го чувствуваш, мислиш или правиш истото. Има и такви кои имаат желба, но немаат можност да се најдат во таква ситуација. Секако, овде треба да се исклучат луѓето за кои самата прељуба е неморален, повредувачки чин, но не се вклучиле на виралната потера. Во нивниот вредносен систем, овој вид циркус не е достоен за внимание.
И бракот и прељубата се прашања на одлука и одговорност.
Ние избираме да бидеме со еден партнер во моногамен начин на живот. Значи, наша одлука е да живееме со еден, а не со пет различни луѓе. Во првиот момент, таа може да биде делумно несвесна затоа што е одлика на заљубеноста, која потоа може да премине во љубов… Подоцна, сепак, станува многу свесна одлука. Врската со партнер е одлука. Исто така, за да се случи прељуба мора да има одлука. И секоја одлука носи одговорност. Одговорност и свест дека ако сте изградиле семејство со некого врз основа на квалитетен однос во кој вложуваат двајцата партнери, нема да биде лесно да се изврши прељуба. Прељубата е многу понижувачко искуство за третото и четвртото лице во овој синџир, конечно, проблематично е за семејството, околината… Од нас зависи колку ќе вложиме во градбата на квалитетни односи и одбранбените механизми за ваков вид искушение. Тоа ќе биде најважниот испит на кој не успеаја прељубниците од Колдплеј, а тие за жал се далеку од единствените.