Здравјето е нашето највредно богатство, а градењето силна здравствена култура е клучно за живеење урамнотежен и исполнет живот. Преку едукација и превентивни мерки, можеме да се зајакнеме себе си во одржување на физичката и менталната благосостојба и да го намалиме ризикот од болест.
ОЖОСВН заедно со Општина Свети Николе организираа настан на 26 октомври 2024 година, по повод Октомври – месец за подигање на свеста за ракот на дојка, за граѓаните на општина Свети Николе и подигање на свеста за грижа за своето психо-физичко здравје.
Преку музика, интерактивни придавања, бесплатни прегледи, прошетка, го одбележавме октомври – месец за подигање на свеста за ракот на дојка и придонесовме кон подигање на свеста за грижа за себе си и своето ментално и физичко здравје.
Настанот започна со розева прошетка. На самиот настан се обратија градоначалникот на општина Свети Николе – Дејан Владев, Претставничката на Амбасадата на Франција во Македонија – Ирене Кетов, Проектната координаторка Стефанија Арсова и Претседателка на ОЖОСВН – Даниела Панева.
Имавме прилика да слушнеме повеќе за здравјето, редовните прегледи и превенцијата од Д-р Игор Панев, специјалист оториноларинголог и Деспина Цветаноска, дипломирана медицинска сестра. Околу анксиозноста и паничните напади и како полесно со нивно справување имавме прилика да дознаеме од Цветанка Бурзевска, лиценциран психолог/ЕАГТ психотерапевт. И за крај, од нутриционистот Ивица Јанев, имавме можност да слушнеме, како самата храна може да допринесе за здравје доколку се храниме здраво и како со самата здрава исхрана можеме да спречиме појава на многу болести.
Паралелно со настанот граѓаните имаа можност да измерат крвен притисок, шеќер во крвта и витаминско-минерален статус кој беше овозможен од ЈЗУ Здравствен дом „Примариус д-р Ѓорѓи Гаврилски“ – Свети Николе и Аптека Зегин.
Во текот на целиот настан присутните имаа можност да уживаат во атмосферата со музика од локалните диџеи Емили Нас и Дац и Џое Бонга.
Како дел од овој настан, пред околу 300 наши сограѓани, ја промовиравме и Канцеларијата за бесплатна правна и психо-социјална помош и поддршка при ОЖОСВН, која е финанстирана од Шветската фондација Квина Тил Квина.
Нашите волонтери поделија информативни и промотивни материјали на присутните на настанот и на случајни минувачи и успеа да реализираат повеќе од 150 прашалници за грижа за сопственото здравје и информираност за услугите кои ги дава ОЖОСВН.
Свој придонес на настанот дадоа и волонтерите на Црвен Крст од општината и Извидничкиот одред од Свети Николе.
Голема благодарност до сите кој придонесоа овој настан да биде успешен.
Настанот е дел од проектот „Здрави животни навики – благосостојба на телото и умот“, финансиски поддржан од Ambassade de France à Skopje и ко-финансиран од Норвешка амбасада и проектот Смарт балканс.