Родова застапеност во доброволните противпожарни служби

На 5 октомври 2026 година, Организацијата на жените на општина Свети Николе во соработка со Operation Florian од Манчестер – Англија, организираа работилница на тема „Родова застапеност во доброволните противпожарни служби во Македонија“.

На работилницата учествуваа жени од ДПД Пехчево, претставничка од Дирекцијата за заштита и спасување на Р.Македонија, студентки од МСУ „Свети Николај“, ученички од СОУ „Кочо Рацин“, вработени од ЈКП „Комуналец“, како и други заинтересирани жени и девојки.

Целта на работилницата беше да се поттикне поголемо учество на жените и девојките во доброволните противпожарни служби, да се споделат позитивни искуства од регионот и да се отворат можности за активно вклучување во работата на доброволните противпожарни друштва.

Гостинки на работилницата беа жени професионални пожарникарки и доброволки од ДПД Батина од Р.Хрватска и ДПД Подгорица од Црна Гора. Тие ги споделија своите искуства за функционирањето на нивните друштва, начинот на привлекување и вклучување на млади членови, организацијата на обуките и тренинзите, како и внатрешната организација и функционирање на друштвата. Тие истакнаа дека жените во нивните средини се добро прифатени и активно вклучени, без дискриминација.

Работилницата беше збогатена и со практични вежби, преку кои пожарникарките од Operation Florian, Еми и Мили, преку работа во групи, нè насочуваа како да размислуваме на кои начини може да им се помогне на пожарникарите при интервенции на терен.

Работилницата беше навистина инспиративна и мотивирачка за присутните жени и девојки од Македонија и отвори нови перспективи и можности за придонес на жените во противпожарниот сектор.

Учесничките покажаа голем интерес за вклучување во доброволните противпожарни друштва и споделија бројни идеи за тоа како преку волонтерски ангажман и личен придонес можат активно да се вклучат и да придонесат кон работата на овие служби.

Работилницата беше оценета позитивно од страна на присутните, кои изразија задоволство од споделените искуства и фасцинантните активности од страна на гостинките, како и практичните знаења и можноста за понатамошно вклучување на жените во доброволните противпожарни служби.

ОЖОСВН смета дека секој треба да добие можност и да се оствари во она што го сака, па така и пожарникарството треба да престане да важи за „машка професија“ во Македонија и да ги следи успешните примери од регионот и пошироко.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен