Заедничка Грижа: Превенција и здравствени совети за машкото и женско здравје

  • Почетна
  • Новости
  • Заедничка Грижа: Превенција и здравствени совети за машкото и женско здравје

На 13 ноември се одржа трибина под наслов „Заедничка грижа: Превенција и здравствени совети за машкото и женското здравје“, чии цели беа да се зголеми свеста за здравствените предизвици кои ги погодуваат и мажите и жените.

Трибината беше отворена од страна на Д-р Игор Панев, специјалист по оториноларингологија, кој говореше за рак на грлото. Тој објасни како да се препознаат првичните симптоми на оваа болест, како да се постави точна дијагноза и кои се опциите за лекување. Д-р Панев, исто така, даде препораки за превенција, нагласувајќи ја важноста на здравата исхрана и избегнувањето на цигарите како превентивни мерки против развојот на рак на грло.

Следуваше излагањето на Д-р Зоран Панев, специјалист по радиологија, кој ја обработи темата за рак на дојка. Тој објасни како жените можат да прават самопрегледи во домашни услови, која е идеалната возраст за започнување со редовни прегледи и како се дијагностицира и лечи оваа болест. Д-р Панев истакна дека рак на дојка може да се појави и кај мажи, при што самопрегледот на дојките кај мажи се врши исто како и кај жени.

Д-р Емилија Лазарова, специјалист по онкологија, зборуваше за важноста на редовните превентивни прегледи. Таа посочи дека старосната граница за препорачување на редовни прегледи се намалува од година во година, што значи дека треба да се започне порано со редовни контроли. Препорача дека секој треба да оди на редовни прегледи за да се спречи развојот на сериозни болести.

Д-р Влатко Филипов, специјалист по урологија, зборуваше за рак на простата и тестиси. Тој ги објасни првичните симптоми на рак на простата, методите за дијагноза и начините на кои може да се спречи оваа болест и препорача редовен самопреглед на тестиси како превенција за канцерот. Ја истакна важноста на менталното здравје на мажите и препорача дека секој треба да работи индивидуално, социјално и институционално. Препорача здрава исхрана, редовна физичка активност и добар сон како важни аспекти за зачувување на целокупното здравје.

На крајот од трибината, присутните имаа можност да постават прашања на докторите, кои одговорија на нивните сомнежи и дополнително ги разјаснија сите аспекти на темата.

Оваа активност ја реализиравме во заедничка соработка со општина Свети Николе. Оваа активност е дел од проектот „Здрави животни навики – благосостојба на умот и телото“, финансиски поддржано од Француска амбасада – Скопје.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен