На 12.05 се одржа петта регионална средба за вмрежување, на која присуствуваа претставници од релевантни институции и невладини организации од општините Велес, Кавадарци, Неготино и Свети Николе. Регионалната средба беше водена од фасилитаторката Билјана Бејкова.
Средбата започна со претставување на присутните и нивниот делокруг на работа во однос на маргинализираните лица и жртвите на насилство. Оваа средба беше во поинаков и проширен состав во однос на претходните средби и на истата присуствуваа претставници од основен суд, Центрите за социјална работа, полиција, општините (координаторки за еднакви можности, советнички) и невладиниот сектор.
На оваа средба направивме ретроспектива на она што до сега е разговарано на претходните средби, партиципативно надополнувајќи ги промените во однос на последната средба, веќе детектираните јаки и слаби страни, детектираните закани и можности. Дискусијата беше насочена кон услугите кои ги нудат присутните институции и организации и нивната функционалност, како и за недоволните човечки, но и други ресурси на самите институции, како и оддржливоста кај граѓанските организации.
Во вториот дел од средбата учесниците со работа во мешани групи, се посветија на пишување конкретни, реални и применливи препораки, за унапредување на услугите и протоколите, за подобра меѓусекторска, локална и регионална комуникација, координација и соработка. Сите заеднички се сложија дека:
– Потребни се системски решенија, кои ќе бидат функционални за помалите организациски единици во помалите локални средини
– Потребно е воспоставување на работни позиции (инспектори и советувачи) во сите релевантни институции, како и воведување на реонски полицајци.
– Потребно е интезивирање на едукативните кампањи и активности насочени кон граѓаните, локалната самоуправа и јавните институции, но и поголемо присуство на теми од насилството во наставните содржини, односно образовниот систем
– Потребно е континуирана и подобрена финансиска поддршка преку локални и државни буџети
Во однос на институциите, присутните сметаа дека би биле пофункционални доколку:
– Центарите за социјална работа формираат тимови кои ќе бидат специјализирани за родово базирано и други форми на насилство, да воспостават функционални сервиси за поддршка на жртви и сторители со доволно ресусрси за намената која ја имаат и да соработуваат потесно со граѓанските организации.
– Општините да ги вклучат овие сервиси во своите социјални програми и да ги поддржат за нивна оддржливост.
– Граѓанските организации да продолжат со теренски активности, аплицирање за проекти и партнерство со институциите.
– Потребна е законска реформа и јакнење на капацитетите на МВР, здравствениот систем, образованието и судството, вклучително и обезбедување психолошка поддршка и документирање на здравствената состојба на жртвите. И многу значајно
– Во случаи на насилство потребно е пријава против сторител да може да се поднесе и по службена должност.
Сите засегнати страни треба да соработуваат во креирање на холистички и културолошки чувствителен пристап кон решавање на проблемот со семејното насилство.
ОЖОСВН продолжува и понатаму активно да работи на развивање на регионалната соработка помеѓу општините од Вардарскиот плански регион, а со цел унапредување на пристапот до правда и надминување на несаканите состојби кај маргинилизираните лица и заедници.
Оваа активност и Канцеларијата за бесплатна правна помош и психосоцијална поддршка на ОЖОСВН се дел од проектот „Јаки жени, ја јакнат заедницата III“ финансиски поддржан од фондацијата Kvinna Till Kvinna и Шведска.