Во селата Ерџелија и Горобинци се одржаа работилници за Остеоартритис

  • Почетна
  • Новости
  • Во селата Ерџелија и Горобинци се одржаа работилници за Остеоартритис

На 16.06 во подрачното училиште во с.Горобинци и 18.06 во просторијата на подрачното училиште ОУ „Даме Груев“, с.Ерџелија, се одржаа работилници на тема „Остеоартритис“. Работилниците ги водеше докторката по семејна медицина Гордана Митева.

Работилницата имаше за цел да ги информира, охрабри и поддржи присутните во справувањето со остеоартритисот – хронична состојба која често се појавува во пост-онколошкиот период и која значително влијае на подвижноста и општата функционалност.

Во текот на сесијата, учесничките имаа можност да слушнат стручни информации за тоа што претставува остеоартритисот, како настанува и на кои зглобови најчесто влијае. Се дискутираше за типичните симптоми – болка, вкочанетост, намалена подвижност – и како тие го нарушуваат секојдневното функционирање и емоционалното здравје.

Особено внимание беше посветено на влијанието на остеоартритисот врз квалитетот на животот кај особи кои поминале низ тешки третмани за малигни болести. Се нагласи дека оваа група е особено ранлива поради веќе постоечки физички и психички оптоварувања. Докторката понуди практични совети за симптоматски третман, како и стратегии за подобрување на секојдневието преку промени во животниот стил.

Беше нагласена важноста на редовната, но умерена физичка активност, како што се лесни вежби за зглобовите, истегнување и пешачење. Дополнително, се зборуваше за улогата на здрава исхрана, контролата на телесната тежина и употребата на помошни средства или медицински терапии за ублажување на болката. Исто така, учесниците беа запознаени со методи за самопомош, како што се топлотна и ладна терапија, техники за релаксација и практики за грижа за себе.

На крајот од работилницата се одржа отворена дискусија каде присутните можеа да споделат лично искуство или да постават прашање на дадената тема.

Оваа активност е дел од проектот „Заедно да превенираме и се бориме против ракот на дојка-2025“, финансиски поддржан од Локална самоуправа на општина Свети Николе.

Е-билтен

Пријавете се на Е-билтенот за да ги добивате најновите информации во врска со ОЖО Свети Николе.
Затвори
Е-билтен